На 10 ноември 2026 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Радишани, свечено беше отворена музејска поставка посветена на животот и делото на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Гаврил, по повод 30-годишнината од неговото упокојување (1996–2026).
На 10 ноември 2026 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Радишани, свечено беше отворена музејска поставка посветена на животот и делото на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Гаврил, по повод 30-годишнината од неговото упокојување (1996–2026).
Настанот започна со панихида отслужена од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан.
Во своето свечено обраќање, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, ја истакна историската, духовната и националната вредност на музејската поставка, која преку личните предмети, писанијата и сведоштвата за животот на архиепископот Гаврил овозможува зачувување на споменот за една од најзначајните личности во поновата македонска црковна историја.
Трајковска нагласи дека негувањето на духовното и културното наследство претставува важен придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот национален идентитет, кој и покрај сите предизвици продолжува да опстојува и да го зацврстува своето значење. Таа изрази особена благодарност до протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски за неговата посветеност и вложениот труд во создавањето на музејската поставка, која претставува вистински бисер на македонскиот духовен идентитет.
Пред присутните се обрати и архиепископот г.г. Стефан, кој потсети на исклучителниот придонес на архиепископот Гаврил во црковниот, образовниот и културниот живот, особено на неговото најголемо животно дело – првиот целосен превод на Светото писмо (Библијата) на современ македонски јазик, објавен во 1990 година.
На свеченоста присуствуваа: Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелската-методистичката црква, г-дин Марјан Стојанов, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, г-дин Мафиз еф. Рустеми, директор на Секторот за дијаспора при Исламската верска заедница потпретседателот на Владата, г-дин Љупчо Димовски, градоначалникот на Општина Бутел, г. Дарко Костовски, директорката на Управата за заштита на културното наследство, г-ѓа Весела Честоева, поранешниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Велимир Стојковски, како и други претставници на верските заедници, државните институции, свештенослужители и почитувачи на делото на архиепископот Гаврил.
Во рамки на свеченоста беа доделени признанија на Неговото Блаженство г.г. Стефан, за придонесот во афирмацијата и промоцијата на духовното наследство на Македонија, и на протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски, за неговата истражувачка и библиографска дејност посветена на архиепископот Гаврил.
Новата музејска поставка претставува трајно сведоштво за духовното, просветителското и националното наследство на архиепископот Гаврил, овозможувајќи неговиот лик и дело да останат достапни и за идните поколенија.
Свеченоста беше организирана од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како дел од годишната програма на Собранието за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности.