Телеграма со сочувство
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-ѓа Оливера Трајковска испрати телеграма со сочувство до Светиот архиерејски синод, како и до свештенството и верниот народ на Православната црква на Р. Албанија по повод упокојувањето на Нивниот првоерарх, Неговото блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија, г. Анастасиј.
Ваши Високипреосвештенства,
Дозволете ми од името на македонските граѓани и од мое лично име како директор на македонската Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи да го изразиме нашето сочувство со Албанската православна црква и албанскиот православен народ поради упокоението на нејзиниот Поглавар, г. Анастасиј (Јанулатос), Архиепископ на Тирана, Драч и на цела Албанија.
Изразувам длабоко сочувство до Вас и со нажалено срце станувам дел од Вашите молитви.
Албанската помесна црква во овие денови се соочува со загуба од натчовечки размери. Смртта на неговото Блаженство архиепископот Анастасиј е загуба на еден духовен татко на една Помесна црква, загуба на еден народ, загуба на целата Вселенска црква.
Блаженоупокоениот архиепископ чија што евангелска дејност беше препознаена, посведочена и афирмирана од цела православна и христијанска екумена, го красеше одлика на вистинска човечност, пожртвуваност и умносрдечност.
Бог да му подари Царство небесно на новопретставениот архиепископ г. Анастасиј, а споменот на земјата да му биде вечен.
Примете искрено сочувство,
Директор
Оливера Трајковска