Телеграма со сочувство
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со сочувство до Светиот Архиерејски Синод, како и до свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија по повод упокојувањето на Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.
Ваше Блаженство,
Ваши Високипреосвештенства,
Ваши преосвештенства,
Со длабока тага ја примивме веста за упокојувањето на Митрополоитот Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј и во овие мигови на сенародна тага во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, дозволете ми од мое лично име и од име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) да го изразиме нашето сочувство како акт на неизмерна почит кон делото на митрополитот кој со љубов и пожртвуваност ѝ служеше на Светата Црква и верниот народ.
Новопретставениот митрополит Тимотеј, како архиереј од втората генерација на епископи во возобновената Охридска архиепископија со децении, со голема посветеност извршуваше бројни тешки и одговорни пастирски и мисионерски должности во МПЦ - ОА, проповедаше, создаваше и градеше, неуморно водејќи го доверениот верен народ во неговата епархија, во државата и надвор во дијаспората.
Митрополитот Тимотеј остави длабока трага во поновата македонска црковна историја бидејќи неуморно го чуваше единството на МПЦ - ОА и работеше за нејзина афирмација и рамноправност во семејството на Помесните православни цркви.
Вашиот пример, вашата трудољубивост и посветена ангажираност ќе остане во трајната меморија во МПЦ - ОА.
Останувате во нашите сеќавања, како архиереј кој вложи многу напори во развојот на Дебарско-кичевската и Австралиската епархија, како најпосветен член и портпарол на САС на МПЦ – ОА. Дедо Тимотеј, митрополитот - кој вложи огромен труд во повеќе црковни сегменти: во обнова на старите и во изградба на нови цркви и манастири, во процесот на денационализацијата, во образовните институции на МПЦ, во признавањето на МПЦ - ОА, во обновата на живиот монашки живот, притоа имајќи ги постојано на ум потребите на верниците.
Вашиот македонски народ ќе Ви остане благодарен за секое добро кое го направивте!
Најмалку што можеме да сториме е да Ве имаме во молитвите, исто како што Вие нѐ имавте во вашите молитви...
Примете ги изразите на моето најдлабоко сочувство,
Директор,
Оливера Трајковска