Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Поглаварот и членовите на САС на МПЦ-ОА, како и до свештенството, монаштвото и до сите верниците по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, како и до свештенството, монаштвото, до верници од православна вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по јулијанскиот календар, честитајќи им го празникот на Христовото воскресение - Велигден.
ТЕЛЕГРАМА СО ЧЕСТИТКИ
Ваше Блаженство,
Во овој благословен и спасоносен ден, кога целиот христијански свет духовно се издигнува во славење на победата на Животот над смртта, дозволете ми од името на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и од мое лично име, да упатам искрени и радосни честитки по повод најголемиот празник – Воскресение Христово-Велигден.
Нека воскреснатиот Бог ги исполни нашите срца со љубов, нашите души со спокој, нашите мисли со милост, а нашите денови со добри дела. Само така ќе можеме да воскликнуваме и со радост Христовото воскресение да го објавуваме.
Христовото воскресение е нашата радост.
Да ја покажеме радоста споделувајќи ја со најблиските, со бездомниците, со болните... Само така радоста ќе биде полна!
Христовото воскресение е победа.
Да покажеме дека сме победници над самите себе и над непријателот. Да победиме со љубов, мудрост; истрајност и молитва, со прифаќање на предодреденото за нас, со измирување со себеси и светот.
Нека Христовото воскресение биде нашата светлина која во нас ќе свети и ќе не води низ темнината до следното воскресение.
Христос воскресе!
Навистина воскресе!
Директор
Оливера Трајковска