Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Поглаварот и членовите на САС на МПЦ-ОА, како и до свештенството, монаштвото и до сите верниците по повод празникот Богојавление – Водици
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, како и до свештенството, монаштвото, до верници од православна вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по јулијанскиот календар, честитајќи им го празникот Богојавление - Водици.
ТЕЛЕГРАМА СО ЧЕСТИТКИ
Ваше Блаженство,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, целото свештенство и монаштво, како и до сите православни верници во земјава, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици.
Празнувајќи го денот на Христовото Крштение во реката Јордан, го празнуваме духовното раѓање и обновата на човекот и заедницата преку верата, мирот и заедништвото. Осветувањето на водите, јавувањето на Светиот Дух и чинот на самото Крштение се императив на кој почива темелот на христијанската вера. Вредностите на покајанието и раѓањето на новиот очистен човек, правдољубие и исполнетост со љубов кон Бога му даваат смисла на животот на секој христијанин.
Во духот на овој голем празник, заедничката определба кон овие вредности нека ни биде поттик за добри дела, меѓусебна почит и солидарност. Да не дозволиме поделбите и недовербата да надвладеат, туку преку блискоста со Бога и меѓу себе, во трпеливост и слога, да чекориме по патот на духовниот напредок, мирот и благодетта.
Затоа, на овој светол богојавленски ден, да си посакаме здравје, духовна сила и подобра заедничка иднина, а осветената вода и објавата на Божјиот лик нека нè зближат уште повеќе, нека ни бидат благослов во остварувањето на нови добри дела и успеси.
БОГ СЕ ЈАВИ!