Во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) се одржа Свечена академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
На ден 26. 10. 2023 година со почеток во 11 часот во свечената сала при Музејот на македонската борба во Скопје во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) се одржа Свечената академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
На Свечената академија присуствуваа голем број на општествени чинители. На академијата во присуство на сите поглавари, како и на мноштво претставници од сите регистрирани цркви, верски заедници и религиозни групи беше одбележана значајна годишнина - 80 години од формирањето на Верско поверенство во рамки на Главниот штаб на Народно-ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) како државна институција со организирањето на оваа Свечена академија се потсети на своите најрани почетоци, кои ги има уште пред ослободувањето за времето на Втората Светска војна кога најпрво се јавува како Верско поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија, истовремено сеќавајќи се на сите родољубиви дејци и оддавајќи почит на нивните историски одлуки.
Создавањето на Верското поверенство се смета за одлучен и одлучувачки чокор во стекнувањето на целосна слобода на Македонија, прекинување на туѓите јурисдикции и пропаганди и создавање на долгоочекуваните услови за обновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како и увертира во формирањето на Комисијата за односи со верските заедници во 1945 година веднаш по ослободувањето, со што се поставуваат и уредуваат односите на македонската држава со сите верски субјекти.
Директорот на Комисијата, м-р Даријан Сотировски како организатор на настанот, истакна дека оваа година 80 години по формирањето на Верското поверенство при Народно-ослободителната војска и партизанските одреди се потсетуваме на тој исклучително важен чекор, чекор кој е прв во една низа дејствија и процеси коишто следат потоа, а резултираат со оформување на еден од значајните столбови на државноста на земјава. Тој пред присутните медиуми, рече дека „Со формирањето на ова верско поверенство се зајакнува првата власт на првата ослободена територија на Македонија во време на Втората светска војна. Од Верското поверенство излегува и денешната комисија за односи со верските заедници како една од најстарите органи на државна управа, но и произлегуваат сите иницијативи кои значат денес, автокефална Македонска православна црква, возобновената наша древна катедра Охридска архиепископија, но и целокупниот модел на односите на современата македонска држава со сите верски субјекти во државата поставени на една квалитетна основа, онака како што и доликува на секоја современа и демократска држава“, посочи директорот на КОВЗРГ. Во продолжение изрази особено задоволство од присуството на сите поглавари на црквите и верските заедници во државата, велејќи: „Таа слика на единство во прославувањето на значајните датуми сметам дека е и една водилка за иднината затоа што само така, на тој начин ние заслужуваме да кажеме дека почнува да созрева државноста на нашите институции“, нагласи Сотировски.
Верското поверенство е формирано со наредба на командантот на Главниот штаб, генералот Михајло Апостолски во с. Црвена Вода, Дебарца на 11. 10. 1943 година, а за прв верски референт бил назначен Вељо Т. Манчевски (1905-1962). Наредбите на Верското поверенство се однесувале на верските работи, кои административно требало да се прилагодат на општите воени состојби. Само две години подоцна, со формирањето на новите државни институции со ефективна власт на целата територија на Македонија, од Верското поверенство произлегува и формирањето во 1945 година на тогашната Комисија за верски прашања при првата Влада, предводена од првиот нејзин претседател Епаминонда Поп Андонов (1898-1968), која во континуитет низ годините постои и работи за унапредување на верските слободи и права, како и создавање на услови за соработка на верските заедници со државата, особено значајно во мултиконфесионална држава со религиозно население.
На Свечената академија, со свои говори обраќање имаа проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја, деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, проф. д-р Дејан Борисов, Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан, како и домаќинот на настанот, директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, а целата програма беше разубавена и со музички точки.