Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска упати Проглас за 11 март - Денот на депортацијата на македонските Евреи
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-ѓа Оливера Трајковска упати Проглас до Претседателот на ЕЗРМ, г-дин Пепо Леви и до членовите на Еврејската заедница по повод 11 март - Денот на депортацијата на македонските Евреи.
На 11 март се сеќаваме на најтрагичниот настан во историјата, кога 7144 Евреи од Македонија беа депортирани и погубени во логорите на смртта. Животот на 7144 македонски еврејски семејства згасна во најстрашните околности, многу детски очи не го видоа сонцето повторно и многу мајки за последен пат во прегратки ги држеа своите чеда.
Сè уште се сеќаваме на овој немил настан и осумдесет и две години по грозоморните убиства со тешко срце изговараме: „никогаш да не се повтори.“ Во Македонија, се наоѓа еден од најголемите Меморијални центри во светот посветен на жртвите на Холокаустот кој сведочи за богатата еврејска култура која пулсирала на овие простори, како живо сведоштво на истрајност и верба. Во него, можеме да ги видиме нивните лица, да ги замислиме надежите и соништата што тие ги споделувале, да се потсетиме дека надежта постои и во најтешките времиња. Светлината свети и во најголемата темнина.
Нека овој ден биде потсетник за тешките животни судбини кои згаснаа под ударот на човечкото зло. Нашата верност кон оние кои загинаа нека се мери со нашата решителност, овде и сега, да спречиме повторување на ваквите злосторства. Овој ден да биде вечен потсетник за важноста на единството, солидарноста и меѓусебното почитување.
Вечна слава. Нека нивниот спомен биде вечен потсетник:
- Никогаш да не се повтори
- Никогаш да не се заборави