Ватикан и Рим, 23-24 мај 2024 година
Македонскиот народ на разни начини со векови и години им оддава чест на светите рамноапостолни браќа и сесловенски просветители Кирил и Методиј. Нивниот култ непосредно создаван од верниот православен народ низ вековите, а уште одамна препознаен и чествуван преку Црквата на овие македонски простори од колено на колено, предански се пренесува и традиционално торжествено се прославува нивниот празник и во овие денешни дни.
Споменот на светите браќа Кирил и Методиј, поорганизирано започнал да се чествува со организирањето на македонската држава. Тогаш, освен многубројните храмови кои македонскиот народ им ги посветил уште во минатото и кои го носат нивното име, и многу други новоосновани институции од страна на државата го добиваат името на нашите просветители, кои преку својата значајна мисија ја раширија словенската писменост, и тргнувајќи од нашите простори ги описменија и воцрковија словенските народи. За нив и нивното дело, освен Византија слушнал и Рим, каде во базиликата „Голема Богородица“ (Санта Марија Маџоре) пред папата Адријан II го докажале своето правоверие, победувајќи ја тријазичничката ерес проповедана од тогашното германско свештенство.
Македонскиот народ по 1945 година организиран во својата држава започнува и институционално организирано на државно ниво да го прославува нивниот празник преку разни одбележување и културни програми. Највечатливо одбележување на нивниот спомен е традиционалната манифестација насловена „Македонија во чест на свети Кирил“, која за прв пат се одржала далечната 1969 година, во годината кога се навршиле 1100 години од упокоението на словенскиот просветител Кирил, чии што мошти почиваат во неговиот гроб, кој што се наоѓа во базиликата „Свити Климент“ во Рим. Оваа значајна манифестација е востановена по иницијатива на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и МПЦ-ОА, а години подоцна се востановува и обичајот црковно-државната делегација да ја предводи претставник на државниот врв Претседателот на Републиката, Претседателот на Владата или Претседателот на Собранието, со правилото на ротација секоја година во истиот редослед.
Во оваа 2024 година година оваа манифестација се оддржа по 55 пат. Македонската државно-црковна делегација ја предводеше Претседателката на Републиката, Н.Е. г-ѓа Гордана Силјановска Давкова. Во состав на државно-црковната делегација беа и Амбасадорот на Македонија при Светата столица г-ѓа Марија Ефремова, Директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи г-дин Даријан Сотировски, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Европски, г. Пимен како и о. Зоран И. Стојанов како претставник на Католичката црква. И оваа година во рамки на дводневната посета на Италијанската Република и Светата Столица по повод манифестација беа предвидени и се реализираа повеќе средби и настани.
На 23 мај, четврток, во Апостолската палата, Македонската државно-црковна делегација предводена од Претседателот на Републиката, Н.Е. г-ѓа Гордана Силјановска Давкова имаше аудиенција кај Поглаварот на Католичката црква, Неговата светост Папата Франциск.
Претседателката Сиљановска Давкова за време на аудиенцијата се заблагодари за упатените честитки од Папата Франциск по повод нејзиниот избор за Претседател и истакна дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан. Претседателката изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.
На средбата беа традиционално разменети подароци, при што, претседателката Сиљановска Давкова на Папата Франциск му подари голема резбa со мотив од птицата феникс којшто претставува симбол на вечноста.
По аудиенцијата кај Папата Франциск во изјава за медиумите претседателката Сиљановска Давкова истакна дека на долгата средба со Папата најпрво се усогласиле околу актуелните проблеми, околу поддршката на Ватикан на патот кон Европската Унија, поддршката на Ватикан на Западен Балкан. Претседателката во изјавата посочи дека изразила разбирање за склучување на Конкордат со Ватикан, затоа што системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на католичката црква и христијаните од католичката религија кај нас и рече дека изразила желба да се отвори Нунцијатура на Светата столица кај нас бидејќи така ќе може дополнително да се унапреди соработката. Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи ја соработката во многу области во сферата на високото образование, библиотекарството, конзервирањето итн., рече дека изразила спремност да продолжи таа соработка.
Претседателката, по аудиенцијата, оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин, на којашто била изразена цврста подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во духот на меѓусебното разбирање и заедничките вредности.
Истиот ден македонската државно-црковна делегација имаше прием во Македонската амбасада при Светата Столица, а во вечерните часови во салата „Балдини“, присуствуваше на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“ со солистот Нада Талевска – Спасовска, кои настапија со македонски народни песни во нивни аранжман, а во организација на Министерството за култура.
Наредниот ден, на 24 мај, петок, денот кога ги прославуваме македонските и сесловенски просветители светите солунски браќа Кирил и Методиј, во базиликата „Св. Климент Папа Римски“ во Рим, каде што почиваат светите мошти на светиот Кирил Солунски, беше отслужен Молебен во чест на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Кирил Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
На Молебенот присуствуваше Претседателката г-ѓа Гордана Силјаноска Давкова и членовите на македонската делегација, многубројни гости, македонски поклоници, како и високи претставници на дипломатскиот кор кои се поклонија на гробот на сесловенскиот просветител.
За време на Молебенот, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, во која меѓудругото, го истакна и следното: „Денеска ги слушнавме зборовите на Исуса дека не се пали светило за да се стави под поклоп туку се става на светилник за да им свети на сите в куќи. И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас? Нема ли да го земеме светилникот што светата Црква на секој еден ни го дава како Божјо благословение, за да го поставиме на лично и високо место во нашиот живот? Сите треба да го земеме светилникот и секој да го однесе во својот дом и да го постави на најубаво место, таму каде што се наоѓа нашата домашна икона и тој светилник да нѐ осветува секојдневно во нашиот живот, од утро до вечер. Неговата светлина да ги осветлува лицата на сите во куќата, зашто во неа тие подобро ќе се видат и ќе се сакаат. Тоа да проникнува подлабоко во срцата и душите, да го разгорува поривот кон просветата, кон мудроста на вистината Христова која спасува. Таа светлина треба да има свое место и во нашите научно–културни институции, од каде што се очекува да се даде силен интерес за развој на културниот и научен раст на нашиот народ. Светилникот на св. Кирил и Методиј, односно служењето, треба да ги осветлува и сите ходници на нашиот живот по кои влегуваме и излегуваме. Да не бидеме невнимателни кон христијанското звање, кое секогаш оживува кога врз него ќе падне светлината од големата ламбада на светикирило-методиевото дело. Само така ќе одадеме слава и чест и молитвен поклон на светите сесловенски учители – тие сјајни ѕвезди на небесниот свод над нашиот народ. Само така правилно ќе ги внесеме во верскиот живот неугасливите светилници што се запалени од Божествената светлина, за да бидат светилници на нашата лична, семејна и општествена судба. Така ќе ги возвеличиме овие големи благоделатели на нашиот народ, бидејќи ни ги отворија очите за да ја видиме светлината, да живееме во светлината, да создаваме во светлина и да се спасуваме преку светлината. Светите браќа Кирил и Методиј да бидат покровители за напредокот на нашиот народ, на нашата македонска просвета и култура, за нашата православна Македонска Црква и за нашата држава Македонија. Тие да бидат застапници пред Бога за едномислие меѓу Словените и за мир во целиот свет, онака како и што ги молиме во нивниот тропар. Амин“.
По молебенот, претседателката Сиљановска Давкова упати порака за продолжување на делото на св. Кирил и рече дека посебна убавина на настанот му дало бројното присуство на припадниците на македонската дијаспора во Италија и во Австрија. Претседателката во својата порака го нагласи следното: „Кирил бил со векови пред времето. Кирил го вградил, не само својот живот, туку и нашиот живот, на некој начин, во Европа пред многу многу долги векови. Тоа мораме да го почитуваме. На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, оти тоа значело обединување, разбирање, слушање, говорење“, изјави претседателката Сиљановска Давкова, која со гордост ги споменува Cветите Кирил и Методиј кои се директна врска меѓу Македонија како лулка на европската писменост и Европа.
После Молебното богослужение македонската делегација предводена од претседателката Сиљановска Давкова ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде положи венец на спомен – плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Истиот ден претседателката Сиљановска Давкова оствари тет-а-тет средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, по што беше предвидена пленарна средба на делегациите на двете земји.
Македонската држава и црква и оваа година преку одржувањето на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ им ја оддаде заслужената чест на светите просветители. Нека им е вечен нивниот спомен! За многу години!
Подготвил:
Петар Петковски