Битола доби уште еден културен споменик кој претставува спој на минатото, сегашноста и иднината.
Битола доби уште еден културен споменик кој претставува спој на минатото, сегашноста и иднината.
Битола доби музеј на христијанско и исламско културно наследство, музеј каде што на темелите на црквата " Св.Ѓорѓија" се наоѓа Јени џамија.
На покана на директорот на НУ музеј Битола г - дин Зоран Николовски, на ден 21.11.2024 година ја имав честа да се обратам на присутните гости и заеднички да ја откриеме спомен плочата, напишана на три јазици: македонски, турски и англиски.
Во продолжение е моето обраќање кое има за цел да пренесе порака за соживот, мир и толеранција неѓу сите нас, без оглед на тоа на која вера или нација припаѓаме:
Добра вечер битолчани,
Почитуван Директор на Заводот и Музеј – Битола, г - дин Зоран Николовски,
Ви благодарам за честа што ми ја укажавте вечерва да бидам со Вас и да бидам дел од едно велелепно дело.
Културата е битот на еден народ.
Културата е идентитетот на еден народ, а културните споменици се белегот на тој идентитет.
Битола е познат како градот на конзулите и со право го носи тоа име, затоа што Битола изобилува со голем број на културни споменици, кои што како неми сведоци стојат исправени на секој ќош низ градот и ви зборуваат, ви зборуваат за историјата, ви зборуваат за културата, ви зборуваат за сето она што низ вековите поминувало и се создавало на овие простори.Ви зборуваат за соживотот на христијаните и муслиманите, за за секоја една молитва.
Овој музеј на христијанско и муслиманско културно наследство, всушност е спој на она што сите ние треба да го направиме во секојдневниот живот, да се споиме во едно преку љубовта и молитвата, преку соживотот затоа што тоа било негувано низ вековите. Кога ќе го прочитате ферманот на Мухамед, тој вели, немој да ги гоните христијаните. Истиот став бил негуван и кај христијаните кон муслиманите, затоа што човекот кој е верник не познава граници, човекот кој што е верник сѐ темели на љубовта, а љубовта не значи омраза кон никого. Па така, ако појдеме од таа појдовна точка дека религијата, дека верата се всушност љубов, затоа што и самиот Бог е љубов – тогаш овие културни споменици од ваков тип ќе ни прозборат многу гласно. Че ни прозборат колку ние треба да го негуваме нашиот соживот и колку овие вакви споменици, каде што на едно исто место историјата изобразила и џамија и црква, не се никаква случајност.
Во овие глобални трендови кога некој се обидува да ни наметне омраза, да ни создаде антагонизам кон различниот од нас, ние не смееме да бидеме тие што ќе го прифатиме напливот, треба да застанеме цврсто и да кажеме не, ние веруваме во љубовта, веруваме во животот.
Овој мој говор ќе го завршам со еден слоган, кој што е водечки мотив во мојот живот, а тоа се зборовите на светиот апостол Павле од Првото послание до Коринтјаните, каде што тој вели:
- Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски – што љубов немам, ќе бидам бакар што звони или кимвал што ѕвечи.
Затоа, да се трудиме да бидиме љубов, да се трудиме да го сочуваме она што историјата низ вековите ни го оставила, да бидеме горди поколенија на се она што ни е оставено!
Морам да нагласам дека во последната деценија сите културни споменици во државата, низ нашата Македонија, која што во светот и во Библијата е запишана, и која што изобилува со голем број археолошки наоѓалишта, каде што секој ќош говори за нешто свето, за нешто библиско, беа оставени на забот на заборавот.
Не смееме тоа да го продолжиме, напротив со денешниот настан изразувам, благодарност до директорот на музејот и верувам дека ви започнува една нова ера и дека Битола повторно ќе го врати епитетот градот на конзулите.
Ви го честитам деведесет годишниот јубилеј и се надевам дека ќе имате уште многу вакви настани, со кои Битола ќе се гордее.