На 29 октомври 2026 година, во просториите на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на иницијатива на граѓанските здруженија „Родителски фронт“ и „Будност“, се одржа состанок со директорката на Комисијата, г-ѓа Оливера Трајковска, на кој присуствуваа претставници на граѓанските здруженија и родители од верските заедници.
На 29 октомври 2026 година, во просториите на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на иницијатива на граѓанските здруженија „Родителски фронт“ и „Будност“, се одржа состанок со директорката на Комисијата, г-ѓа Оливера Трајковска, на кој присуствуваа претставници на граѓанските здруженија и родители од верските заедници.
На состанокот се разговараше за прашања поврзани со заштитата на децата, родителските права, семејните вредности, верските убедувања и содржините поврзани со сексуалното образование во формалниот образовен систем.
Во своето обраќање, директорката Трајковска истакна дека најдобриот интерес на детето и заштитата на семејството треба да бидат водечки принципи при разгледувањето на прашањата од значење за образованието и воспитувањето на децата. Таа ја нагласи важноста од навремено информирање и активно вклучување на родителите во образовните процеси, како и потребата од почитување на верските убедувања и семејните вредности.
Во текот на дискусијата, присутните ги изнесоа своите ставови, забелешки и предлози во однос на содржините поврзани со сексуалното образование, при што беше нагласена потребата од поголема транспарентност при подготовката на образовните програми, достапност на наставните материјали и вклучување на стручната јавност и верските заедници во разгледувањето на прашањата од поширок општествен интерес.
Директорката Трајковска ја истакна институционалната улога на Комисијата во поттикнувањето на дијалогот и соработката меѓу државните институции, верските заедници и религиозните групи, особено во однос на прашањата што ги засегаат верските слободи и убедувања на граѓаните. Во таа насока, таа посочи дека изнесените ставови, иницијативи и предлози ќе бидат разгледани и проследени до надлежните институции, во рамките на законските надлежности на Комисијата.
Во рамките на состанокот беше разгледана можноста за понатамошна координација меѓу граѓанските здруженија и родителите претставници на верските заедници, како и вклучување на стручната јавност во разгледувањето на прашањата поврзани со образовните политики. Меѓу предлозите беше и иницирање средба со верските лидери, на која би се разгледала можноста за усогласување заеднички став и подготовка на декларација за зачувување на семејните вредности, почитување на родителските права и заштита на најдобриот интерес на детето.
Директорката се осврна и на досегашните иницијативи за воведување образовни содржини поврзани со етиката на религиите, со интердисциплинарен пристап што ги опфаќа етиката, социологијата, психологијата и теологијата, со цел поттикнување на моралните вредности и меѓусебното разбирање.
Воедно, таа информираше за планираните активности на Комисијата во текот на 2027 година, насочени кон промоција на семејните вредности, со посебен акцент на темата „Мајчинството – предизвик на 21 век“.
Состанокот помина во конструктивна атмосфера, при што беше нагласена потребата од продолжување на институционалниот дијалог, меѓусебната комуникација и соработката меѓу граѓанските здруженија, родителите, верските заедници и надлежните институции, во интерес на заштитата на децата и семејството.