На ден 24. 04. 2025 година во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше одржан комеморативен настан со палење на шест меморијални свеќи и Кадиш молитва за 6 милиони Евреи убиени во холокаустот.
На ден 24. 04. 2025 година во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше одржан комеморативен настан со палење на шест меморијални свеќи и Кадиш молитва за 6 милиони Евреи убиени во холокаустот.
На настанот присуствуваше и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска.
На комеморацијата се обратија претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и амбасадорот на Полска, Н.Е. Мариуш Бримора. Со едноминутно молчење, присутните им оддадоа почит на шесте милиони жртви во холокаустот.
Леви ги запали шесте меморијални свеќи со ветување кон жртвите и преживеаните дека тие никогаш нема да бидат заборавени и дека нивното наследство ќе се одржува во вечна меморија.
„Кога и да помислам на Аушвиц, нешто што веднаш ми паѓа на ум се зборовите што ги кажал еден од преживеаните, кој рекол дека има само едно нешто што е пострашно од самиот Аушвиц, доколку светот заборави дека постоело такво место“, изјави амбасадорот Бримора.
На вториот спрат во Меморијалниот центар, Лилјана Лазаревска Мешковска ја отвори изложбата од детски цртежи кои се дел од училишниот проект „Холокаустот низ призмата на детските очи“. На изложбата беа претставени 60 од 98 ликовни творби пристигнати на конкурсот кој го организираа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Темата на годинашниот конкурс беше „80 години од ослободувањето на Аушвиц“.
Јом Хашоа е комеморативен ден на холокаустот и херојството, а е посветен на херојството на Евреите од Варшавското гето кои се побуниле против нацистичкиот терор кревајќи востание во април 1943.