Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на канонизацијата за светител на преподобниот Кирил Лешочки
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на чинот на прогласувањето за светител на преподобниот игумен Кирил Пејчиновиќ - Тетоец, кој што се одржа викендов во Тетово.
Чинот на канонизација започна на 15 октомври (сабота) во Лешочкиот манастир, каде што надлежниот епархиски архиереј на Тетовско-гостиварската православна епархија, Митрополитот г. Јосиф во сослужение со повеќе архиереи и свештенослужители отслужи Воскресна вечерна богослужба и последен помен на преподобниот отец Кирил. На Вечерната богослужба присуствуваше и Претседателот на Владата, г-дин Димитар Ковачевски.
Утредента, на 16 октомври (недела) во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово се одржа Света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан во сослужение на архиереите и повеќе свештеници на МПЦ-ОА.
На Божествената литургија, беше обнародена одлуката бр. 57 од 11. 05. 2022 на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со која преподобниот игумен Кирил Лешочки е вброен во ликот на светителите на Православната црква. Споменот на преподобниот Кирил Лешочки – учител и просветител ќе се празнува на 25 март по новиот стил.
На Светата литургија покрај многубројниот верен народ присуствуваше и Министерот за внатрешни работи во Владата, г-дин Оливер Спасовски, пратеници од македонското Собранието, Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски монс. д-р Киро Стојанов, како и претставници од Советот на општина Тетово и други општествени претставници.