Дозволете ми да го започнам своето обраќање со една мисла на Мајка Тереза: „Ајде секогаш да се среќаваме со насмевка, бидејќи насмевката е почеток на љубовта.“
Добра вечер, почитувани!
Дозволете ми да го започнам своето обраќање со една мисла на Мајка Тереза: „Ајде секогаш да се среќаваме со насмевка, бидејќи насмевката е почеток на љубовта.“
Нека денешнава средба и одбележувањето на јубилејот бидат причина за насмевка кај сите нас – насмевка во која ќе проникне љубовта на Мајка Тереза, со која таа го љубеше сиот свет. Ги љубеше немоќните, гладните, тажните... За сите нив имаше насмевка и срце полно со љубов. Во секоја нејзина клетка дишеше добрината што го бара патот низ сочувствителноста, за да му помогне на оној чија душа страда.
Поклонувајќи се пред нејзиното дело, стоиме исправени пред предизвикот: да го продолжиме нејзиното дело и да му дадеме боја на светот, кој полека, но сигурно тоне во сивило.
Полека, но сигурно, тонеме како човештво, препуштајќи се на моралната ерозија, губејќи ја сочувствителноста и добрината. Ја забораваме насмевката, која е вредност сама по себе. Светот долго живее во осаменост и страда за љубов, иако материјалните богатства се пренагласени. И ако само за миг подзастанеме и ги оставиме обврските и грижите, ќе ја видиме болката со која светот живее – болка за која сме слепи, носени од вртлогот на секојдневието.
И ако само за миг подзастанеме, ќе го видиме ликот на Мајка Тереза, која со своите слаби и истоштени раце го крева светот кон светлината, правејќи мост со своите добри дела. Секој од нас има моќ и можност на свој начин да го живее животниот предизвик на оваа безвременска светителка.
И пак ќе се навратам на насмевката, која Мајка Тереза ја персонифицира и ѝ дава универзална сила, или како што би кажала таа: „Мирот започнува со насмевка.“
А за да имаме мир, не ни требаат оружје и бомби – ни требаат љубов и сочувство.
Да станеме миротворци преку сочувството и љубовта. Да размислиме сите – без оглед дали ни се доверени високи државни функции или работиме во локалното опкружување – дали денеска некому подаривме насмевка, дали донесовме мир?
Ќе им оставам на историчарите, истражувачите и великодостоинствениците да говорат за ликот и делото на Мајка Тереза, кои ќе останат да сведочат низ вековите, а јас ќе се обидам да ја живеам максимата на оваа светителка која вели: „Шири ја љубовта каде и да одиш!“