Дозволете ми најнапред да упатам искрени честитки до Факултетот за исламски науки за организирањето на оваа свечена академска церемонија, како и за одлуката највисокото академско признание – титулата „Doctor Honoris Causa“ – да му биде доделена на Реис-ул-улема Хаџи Хфз. Шаќир ефенди Фетаи.
Почитуван Реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаху,
Почитуван Главен муфтија на Косово, Наим Трнава,
Почитуван декан на Факултетот за исламски науки д-р Абуџемил Несими,
Почитуван декан на Православниот богословски факултет д-р Илче Мицевски,
Почитуван градоначалник на општина Сарај, г-дин Иљас Весели,
Почитувани ректори, професори, академици, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции, драги гости,
Дозволете ми најнапред да упатам искрени честитки до Факултетот за исламски науки за организирањето на оваа свечена академска церемонија, како и за одлуката највисокото академско признание – титулата „Doctor Honoris Causa“ – да му биде доделена на Реис-ул-улема Хаџи Хфз. Шаќир ефенди Фетаи.
Република Македонија отсекогаш била простор каде различните религии и култури коегзистирале едни со други и тој тренд продолжува и во сегашноста, со стремеж да продолжи во иднината. Опстојувањето на заедништвото и меѓукултурниот дијалог се истовремено и наш заеднички предизвик, но и наша заедничка обврска. Денес, повеќе од кога било, во време кога светот се соочува со бројни предизвици, верските заедници и образовните институции треба да бидат промотори на дијалог, меѓусебно разбирање и почитување на различностите.
Во таа насока, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи останува искрено посветена на градењето конструктивен дијалог со сите цркви, верски заедници и религиозни групи. Нашата мисија е да создаваме простор во кој различностите не се причина за поделби, туку богатство коешто го зајакнува нашето општество. Соработката која меѓусебно ја евидентираме, ја потврдуваме со низа на заеднички проекти и активности, кои имаат една и единствена цел- подобро општество за сите!
Особено ме радува фактот што токму академските институции, како што е Факултетот за исламски науки и Православниот богословски факултет се двигатели на тој процес. Универзитетите не се само места каде се стекнува академско знаење; тие се расадник каде никнуваат и се обликуваат идните генерации на лидери, теолози и интелектуалци, кои преку својата работа ќе придонесуваат за развојот на општеството и за јакнењето на културата на дијалог. Сите тие имаат задача да ја поттикнуваат хуманоста, меѓусебната почит и мирот. Да бидат олицетворение на вистинските вредности во општеството, коректор на општествениот систем кој еродира под напливот на глобалните влијанија.
Општеството преставува збир на личности, индивидуи, кои меѓусебно се интегрираат и создаваат свои заедници. Секоја индивидуа носи свој карактеристичен белег, кој го издвојува од другиот. Во модерното општество каде што многу често индивидуата се поистоветува со функцијата која ја извршува и согласно тоа го манифестира своето однесување во околината, ретко среќаваме луѓе кои се држат до вредносниот систем и себеси се издигнуваат над функцијата која им е доверена. Нивното влијание во општеството не се мери само преку функцијата што ја извршуваат, туку и преку вредностите што ги пренесуваат на луѓето. Кога една академска институција ќе ја додели титулата Doctor Honoris Causa, таа претставува признание за една животна мисија, едно дело и еден систем на вредности што заслужуваат да бидат пример за идните генерации. Духовното лидерство подразбира мудрост, трпение, чувство за одговорност и постојана грижа за човекот. Токму затоа, денешното признание претставува признание и за тие универзални вредности.
Вашата досегашна работа, Вашата посветеност на духовниот живот, образованието и меѓурелигиската соработка оставија значаен белег не само во Исламската верска заедница, туку и во поширокото македонско општество. Денешната титула претставува заслужено признание за тој придонес и поттик Вашата мисија да продолжи и во иднина.
Дозволете ми, во свое лично име и во име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, да Ви упатам искрени честитки за ова високо академско признание. Ви посакувам добро здравје, духовна сила и уште многу години успешно да придонесувате за афирмацијата на знаењето, меѓурелигиското разбирање и општествената кохезија.
На Факултетот за исламски науки му посакувам и понатаму успешно да ја остварува својата благородна образовна и научна мисија, создавајќи генерации кои ќе бидат пример за стручност, морал и општествена одговорност.
Нека оваа свеченост биде уште една потврда дека знаењето, духовноста и заемната почит се најсилните темели врз кои ја градиме иднината на нашата држава.