Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска присуствуваше на чествувањето на празникот на Светиот апостол Јаков во манастирот во Водоча, каде што беше прославен и именденот на епископот г. Јаков Стобиски.
Во манастирот на "Свети Леонтиј" и "Покров на Пресвета Богородица" во Водоча, на 5 ноември, во спомен на апостол Јаков - брат Господов, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков отслужи Литургија на Светиот апостол Јаков, брат Господов.
Јакововата Литургија ја напишал самиот апостол Јаков, брат Господов, а истата се смета за една од најстарите литургии која датира од првите векови на христијанството, со посебна историска и духовна вредност. Оваа литургија го изразува автентичниот христијански живот на ранохристијанската Црква и се служи само двапати годишно кај нас.
На Литургијата сослужуваа високопреподобните архимандрити г. Кирил и г. Гаврил од Митрополијата на Дидимотихо, Орестиада и Суфли од Православната Црква на Грција, високопреподобниот архимандрит и директор на Патријаршиската управна канцеларија на Српската православна Црква г. Данило, високопреподобниот архимандрит г. Гаврил од Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ ОА, како и сѐпреподобните игумени г. Фотиј, г. Агатон и г. Григориј, протоереј-ставрофор Константин Митев, секретар на Струмичката православна Епархија и протоѓаконот Симон Митрев.
На богослужбата присуствуваа и градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, градоначалникот на Општина Ново Село Ѓорге Божинов, како и директорката на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозните групи г - ѓа Оливера Трајковска.
Верниот народ се поклони пред светите мошти на Светиот апостол Јаков, кои во чест на именденот на владиката, ги испрати високопреосветениот Митрополит на Дидимотихо, Орестијада и Суфли од Грција, г. Дамаскин.