Овој веб сајт користи колачиња "Cookies"

Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашата апликација. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашата апликација

KOVZ - Македонската религиска уметност

Македонската религиска уметност

Македонската религиска уметност зазема значајно место во светската уметничка ризница. На територијата на оваа балканска земја речиси да не постои населено место, кое не е збогатено со уметничка творба од сите временски епохи. Архитектурата, фрескоживописот, иконописот, резбата, народните традиции, занаетите во себе носат духовна компонента која допира до срцето на секој човек и истата преставува плод на вкрстување на многу култури и цивилизации низ времето. Македонските религиски уметнички творби се голема творечка инспирација и извор од кој се напојуваат многу народи и култури до ден денешен.

Темите со религиска содржина се едни од најчестите појави во македонската уметност. Овие теми секогаш го одземале здивот не само на обичниот минувач, туку и на најголемите светски научни и уметнички центри. Македонската сакрална уметност била нераскинливо поврзана со духовниот вековен опстој на македонскиот народ. Сложените општествени прилики, крстосувањето и спојот на повеќе култури и традиции на ова цивилизациско поднебје, како и драматичните премрежја во ова срце на Балканот, резултирале со појава на повеќе уметности и со создавање на врвни уметнички дела кои се вбројувааат меѓу највпечатливите остварувања на византиското и на уметничкото творештво воопшто. Овие дела со трајни уметнички квалитети ги украсуваат македонските храмови и музеи до ден денешен. Во нив е проткаена тешката судбина на македонскиот народ и неговата богата историја.

Религијата е вековна инспирација на македонските простори. Нема македонски предел каде што нема некое културно наследство, кое ни сведочи за културата и уметноста на еден впечатлив религиозен живот и опит. Тој религиозен опит, односно религиозниот сегмент од егзистенцијата на народите на македонските простори е видно изразен преку разно творештво. Всушност севкупното творештво на една религија, на една вера е изразено на многу начини и во многу облици: преку градба на цркви и манастири, синагоги, џамии и итн., со сликарската уметност, копаничарство и преку разни други видови на уметности. И тоа богато уметничко создавање не само што било производ и потреба на поколонијата што го твореле и творат, туку останало наследство и на поколенијата што следат и со тоа постанало силен гарант на еден народ или поединец, за дострелите што се постигнувани, за квалитетот и важноста на постигнатото. Како такво, македонското религиозното уметничко богатство не останува во тесна рамка на конкретната припадност, туку станува цивилизациска придобивка.

Религиозната уметност, пак секогаш се одредува, се конкретизира, или едноставно речено некому припаѓа. Па така, во зависност од религијата или од култот постои и соодветно именување за религиозната уметност: христијанска, исламска, јудејска и итн.

Христијанската уметност на македонско тло доаѓа паралелно со христијанизацијата и со ширењето на христијанството на овие подрачја уште во апостолско време и таа во контуинитет се развива и твори сè до ден денес. Најстарите остатоци на христијанската уметност во Македонија се од ранохристијанскиот период. Денес можеме да се пофалиме со безброј христијански уметнички творби кои освен во државата можеме да ги најдеме и во дијаспората, т.е. во многу странски држави, каде што македонскиот народ опстојува, чувајќи ја својата вера и духовна традиција.

Со доаѓањето, пак на Османлиите на овие простори, македонската земја се развива и збогатува и со многу објекти од исламската култура: џамии, мостови, текии, амами, чешми и др. Исламската уметност во голема мера на територијата на Македонија се пренесувала преку центрите на Османлиската империја.

Денес во Македонија како мултиконфесионална држава може да се сретнат и разни други религиски уметности, кои ги творат религииите и народите кои што живееат на овие македонски простори.

Сакралната уметност, односно духовното наследство како наше најголемо богатство речиси секогаш ги надживува сите други придобивки и истовремено и ги сведочи – ја предава паметта за своите создатели, и за епохите, и за државите, па и за народите каде што тоа се појавило или развивало. Но истовремено тоа е и македонскиот најдобар промотор, најдобриот амбасадор за македонската делотворност низ историјата.

Традицијата на македонската сакрална уметност продолжува и денес да пулсира во длетата на современите зографи, во ракотворбите на манастирските работилници, во четките на македонските иконописци и во секој атом на црковните храмови. Современите религиски творби се незамисливи без духовната оставштина на македонскиот народ која тој ја оставил на своите поколенија. Во новата ера на мас-медиумите и социјалните мрежи, ова богатство добива на уште поголема распространетост и значење. Со ова се продолжува континуитетот на силата на македонскиот гениј чија творечка инспирација и жед за врвни духовни дострели никогаш не згаснува.

Христијанска уметност

Исламска уметност