НА ДЕНЕШЕН ДЕН
Во спомен на Митрополитот Кирил, кој на денешен ден, на големиот празник Петровден пред 55 години бил хиротонисан за Епископ со титула тивериополски.
Тој беше еден од потписниците на историската одлука за прогласување на автокефалноста на МПЦ во далечната 1967 година.
Го паметиме по неговата величина и достоинство и по големата родољубивост.
На денешен ден, на празникот Петровден во тогашниот Соборен храм „Свети Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан во чин викарен епископ со титула Тивериополски, блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски Кирил. Неговиот лик беше ѕвезда која блескаше и сè уште блеска со својот сјај во лицето на МПЦ-ОА, за време на обновата на нејзината автокефалност. Неговите зборови, ја згаснуваа жедта и потребата на македонскиот народ во прекуокеанските земји за духовно единство со својата татковина и беа духовна врска со својата исконска мајка – Светиклиментовата Македонска православна црква. Македонскиот народ имаше посебна причина да го сака овој голем духовен деец. Неговата добрина, чесност и правдољубивост беа синоним за човекољубие, христијанска љубов, слога и разбирање. Засекогаш ќе биде запаметен како мудар и храбар божји слуга, вистински столб на МПЦ-ОА.
Денес се потсетуваме на еден голем македонски црковен и духовен деец, на блаженоупокоениот Полошко-кумановски митрополит Кирил, кој на денешен ден, на 12 јули 1967 година кога Светата Црква го прославува празникот Петровден во тогашниот соборен храм „Свети Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан во чин викарен Епископ со титула тивериополски.
Митрополитот Кирил беше голем црковен деец во поновата македонска црковна историја, редок борец за автокефалноста, за човекова слобода и достоинство. Неговото црковно и духовно дело му покажа на целиот свет како се гради, интегрира и почитува македонскиот црковен и духовен идентитет. Неговото црковно-духовно и национално дело, по примерот на своите претходници боговдаховени архиереи, не беше само за добробитот на својата Црква, туку и за развојот, мирот и правдољубивоста на целото човештво.
Силна светлина ги облеа македонските храмови на денот на неговото раѓање на 21 јули 1934 година и голема тага на денот на неговото упокојување пред 9 години, на 10 јуни 2013 година. Митрополитот Кирил е роден во селото Царев Двор, Преспанско. Средно богословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година Кирил се замонашил во манастирот „Пресвета Богородица – Причеста“ во Кичево. Работел како службеник во Архиепископијата и во 1965 година со благослов на Архиепископот охридски и македонски Доситеј се запишал на студии на Московската духовна академија во Загорск, каде завршил прв степен на студиите.
На 17 јули 1967 година, како архијереј, член на Светиот архиерејски синод на МПЦ, за време на Третиот македонски црковно-народен собор во црквата „Свети Климент" денешна Перивлепта во Охрид, беше потписник на значајната историска Одлука за целосна обнова на автокефалноста на МПЦ.
Со прогласувањето на автокефалноста во 1967 година, како и со донесените историски одлуки и резолуции, се создале услови за црковно национално организирано дејствување и во дијаспората. Од страна на Синодот бил назначен за Митрополит Американско-канадско-австралиски. За време на неговото дејност во таа епархија го постави темелот за ново заедничко здружено живеење на Македонците кои живеат надвор од границите на родната татковина. Огромен придонес даде во организирањето на црковниот живот во САД, Канада и во Австралија под закрилата на мајката Црква како чувар на националниот идентитет на македонскиот народ и утешител на неговите жалости и тажни судбини. За митрополит на Полошко-кумановската епархија е назначен во 1987 година. Во повеќе наврати, по смртта на претстојателите на МПЦ, како најстар по хиротонија до изборот на новиот поглавар, ја извршувал и должноста местобљустител на архиепископскиот престол. Се упокои во Господа на 11 јуни 2013 година. По негова желба, погребан е во манастирот „Свети вмч. Георгиј“ во с. Дељадровце.
За време на животот прогласен бил за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник бил на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ.
За тоа каква улога одигра владиката Кирил во значењето и афирмацијата на МПЦ-ОА во светот, како и за љубовта која тој ја отвори кон нашите сонародници кон неа, сведочат неговите дела кои и натаму со благослови го оплодуваат животот на македонските православни верници. Да му бидеме благодарни на Бога што ни испрати ваков човек кој со својата проповед и дело ни ги осветли срцата наши и ни го просветли умот за уште повеличенствени подвизи и дела.