Говор на Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан на формирањето на „Групата на пријателство“ помеѓу МПЦ-ОА и ИВЗ
† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски
СИТЕ СМЕ ЧЕДА НА ЕДНИОТ БОГ[1]
Бидувајќи земја во која се сретнуваат трите монотеистички религии, Македонија е природен мост за мирен соживот помеѓу различни духовни, културни и јазични светови. Како таква, таа ја има исклучителната можност да покаже дека сопостоењето на христијанството и исламот не само што не приведува кон спротивставеност на цивилизации, туку, напротив ‒ претставува вистински дар.
Но, за да ја почувствуваме вредноста и убавината на тој дар, потребно е што почесто да се сретнуваме, а со тоа и што подобро меѓусебно да се запознаваме, што, пак, ќе придонесе и повеќе да си помагаме. Впрочем, во словенските јазици, зборот среќа происходи од зборот средба, на старословенски ‒ срјашта (срѧ́ща). Следствено ‒ без средба нема среќа! И обратно, добронамерна средба на човека со човек, на вера со вера, на култура со култура, ги умножува личната и општествената ‒ среќа.
Кога човек вистински Го љуби Бога, тој не може а да не го љуби и сиот свет земен во неговата целост и секој човек земен во неговата неповторлива поединечност. А љубовта кон инаквите лежи во самата срж на нашите религии. Како што вели Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, иако се разликуваме едни од други во поглед на делумната вистина, која сега магловито ја знаеме за Бога, ние пристапуваме едни кон други со свесност дека апсолутната вистина не може да биде сосема разбрана и целосно опфатена. Во Бога секогаш има нешто што не можеме и никогаш не ќе можеме целосно да го опфатиме. Тој е над сите човечки разбирања!
Токму ваквото убедување, еве, ни овозможува да се сретнуваме со нашите исламски браќа, за заеднички да узнаваме како најдобро да пребиваме и да ги чуваме и надградуваме мирот и слогата, за да ја наголемуваме радоста на светот и да го чиниме повидливо Божјото присуство во него.
Имено, на еден неодамнешен настан истакнав дека појдовната точка на етичките согледби на секоја вера, а особено на монотеистичките е увереноста дека Бог е сушта љубов и милост. Така во Новиот Завет евангелистот Јован истакнува дека Бог е љубов[2], a апостолот Павле вели: Бог е богат со милост поради Неговата голема љубов, со која нè возљуби[3]. Во исламот, пак, дел од 99-те имиња за Бога се: благ, милостив и оној кој љуби... Оттаму, јасно е дека верските учења на авраамовите религии во чијашто срж лежи верата во Бога, Кој е Бог на љубовта, можат да дадат само добар плод и да ги учат верните на љубов и на сомилост кон секого и кон сè. Поинаку, би биле лицемерни, ако говориме дека Го љубиме Бога, Кого не Го гледаме, а не ги сакаме и не ги прифаќаме луѓето коишто ги гледаме[4]. Следствено, кога нашите вери бидуваат правилно поучувани и доследно живеени, тие ќе претставуваат исклучителни сили за добро, за напредок, за меѓусебна љубов, за почит и разбирање.
Затоа, заблагодарувајќи му се на директорот на КОВЗРГ, г. Даријан Сотировски за организирањето на овој настан и за средбите коишто, да веруваме, ќе произлезат од него годинава, а да се надеваме и потоа, уште еднаш ја изразуваме нашата силна увереност дека ваквите заеднички собири можат да бидат само од голема полза за целокупното наше општество и дека можат да нè приведат кон иднина којашто ќе се одликува со толерантност и добрина, со отвореност и доверба. Ваквите средби ќе придонесат и меѓусебно уште подобро да се запознаеме и да ги поддржуваме доброто и убавините кај оние што исповедаат поинакви религии, коишто им припаѓаат на други народи и говорат на други јазици. Оти, ако почесто седиме на иста маса, ќе видиме дека имаме многу повеќе работи што нè обединуваат одошто нè разделуваат, зашто сите сме чеда на едниот Бог и сите живееме под едно небо и, по Божјата милост, во и на иста земја! Ви благодарам.
[1] Обраќање на инаугурирачката средба на „Групата за пријателство меѓу МПЦ - ОА и ИВЗ“, организирана од КОВЗРГ, во хотел „Александар Палас“ во Скопје, на 9.3.2023.