Говор на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) изречен на проекцијата на филмот „1000 години сведок на светлината“ во Ватикан на 14. 02. 2023 година
Почитувана амбасадор Ефремова,
Почитуван ректор на Понтификалниот институт за ориентални студии,
Ваши еминенции,
Ваши екселенции,
Денес имаме ретка прилика, поради која сме радосни, но и возбудени пред сите Вас да го презентираме еден од нашите најзначајни дијаманти, македонскиот православен манастир Св. Јован Крстител-Бигорски, кој е наше вредно културно и духовно наследство, но и современа реалност која плени по својот дух, дух кој илјада години го чува силен огнот на преданието на Црквата.
Колку ли работи се променија во последниве 1000 години ? Колку ли работи можеја да значат крај за ова наше светилиште ? Колку среќна е денешната генерација која и покрај се, е совремник на илјадагодишен манастир кој е пожив од било кога ?
Нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во една прилика ќе рече: манастирите, иако се создадени да бидат духовни тврдини надвор од светот, тие всушност се молитвени пристаништа за светот. Ете, денес почитувани присутни, ќе можете одблиску да се запознаете со нашето најголемо молитвено пристаниште. А насловот на овој документарен филм „1000 години Сведок на светлината“, некако се поврзува со традицијата сите пристаништа во светот да бидат означени со големи светилници, каде постојано се чува светлото за да бидат полесно пронајдени, за да понудат засолниште. Во ова наше молитвено пристаниште улогата на Светилник ја имаат трудољубивите монаси, новното големо дело и постојани молитви, како и онаа божествена надземна необјаснива сила која создава, инспирира и преобразува, еве веќе 1000 години.
Секоја современа демократска држава треба да разбере дека верските слободи и права на граѓаните се основно човеково право и слобода која мора да се штити. Традициите, историјата, обичаите и вредностите кои благодарение на религијата се вградени во нашите национални култури мора да бидат негувани и почитувани. Секој што мисли различно, тој не верува во полна демократија, која единствено може да ги заштити вистинските вредности на едно општество и да му донесе напредок. Радосен сум што во нашата држава е обезбеден верски плурализам, со регистрирани 43 цркви, верски заедници и религиозни групи, со целосно гарантирани верски слободи и права и конструктивна и искрена соработка со државата и помеѓу себе, а во тој дух импонира и тоа што улогата и заслугите на манастирот св. Јован Богорски се недосмислено признати од македонската држава, а манастирот, е одликуван со највисокиот Орден за заслуги за државата од Македонскиот претседател.
А сега, на самиот крај, да не биде не сме кажале, не прифаќам вина доколку по погледнувањето на филмот добиете желба да го посетите овој и другите наши древни манастири. Ние сме добри домаќини, а сите Вие сте добредојдени!
Ви благодарам!