ЈУБИЛЕЈ: 55 ГОДИНИ АВТОКЕФАЛНА МПЦ-ОА
Деновиве се навршуваат цели 55 години од одржувањето на Третиот македонски црковно-народен собор (17-19 јули, 1967 година).
За време на соборот била донесена историската одлука за прогласување на автокефалноста на МПЦ, чин што се случил по цели 200 години од неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 година.
Автокефалниот статус бил со радост прифатен од македонските верници во земјава и во странство, по што започнала една нова етапа на развој на црковниот живот.
На 18 јули 1967 година во Охрид во храмот „Пресвета Богородица-Перивлепта“ Светиот архиерејски синод (САС) на МПЦ согласно барањето на верниот народ ја донел одлуката за прогласување автокефалност, историска одлука, која била прифатена од сите соборјани на Третиот македонски црковно-народен собор, кој се одржал пред точно 55 години, од 17 до 19 јули 1967 година.
Водени од народниот стремеж за целосна обнова на Охридската архиепископија како автокефална црква во лицето на Македонската православна црква, членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ го свикале Третиот македонски црковно-народен собор, кој се одржал од 17 до 19 јули 1967 година во Охрид.
Во присуство на голем број соборјани и гости, на 17 јули 1967 година во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија", започнал историскиот собор. Најнапред се пристапило кон изменување и до полнување на Уставот на МПЦ, со отворање две нови епархии: Величка Американско-канадско-австралиска. Потоа Светиот архијерејски синод поднел извештај најновите црковни ситуации. Соборјаните, откако го ислушале извештајот на Светиот архијерејски синод на МПЦ, едногласно ја одобриле неговата работа и донеле резолуција. Соборјаните, од името на сите свештеници и на целиот македонски православен народ, барале од Синодот на МПЦ таа да биде прогласена за автокефална.
Утредента, на 18 јули 1967 година во Охрид во храмот „Пресвета Богородица-Перивлепта“ Светиот архиерејски синод (САС) на МПЦ согласно барањето на верниот народ ја донел одлуката за прогласување автокефалност, историска одлука, која била прифатена од сите соборјани на Третиот македонски црковно-народен собор.
Донесувајќи ја одлуката за прогласување на МПЦ за автокефална, како наследничка на обновената Охридска Архиепископија, Светиот архиерејски синод се раководел од несомнените историски вистини, докази и факти, како и од канонската оправданост. За време на Третиот македонски црковно-народен собор бил донесен првиот Устав на автокефална МПЦ-ОА.
По донесувањето на историската одлука, Синодот продолжил со работа. Се донеле и други значајни одлуки. Биле избрани епархиски архијереи за упразнетите епархии. Била донесена и одлука за устоличување на претстојателот на автокефалната Македонска православна црква, како и одлука епископот преспанско-битолски Климент да добие митрополитско достоинство. Со тие одлуки завршила синодската седница, па набрзо продолжила седницата на Архиепископскиот црковно-народен собор во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, каде што архиепископот охридски и македонски Доситеј на соборјаните им ја прочитал синодската предлог-одлука до Соборот за прогласување на МПЦ за автокефална. Таа била примена со неопислива радост и овации, меѓусебни честитки, прегрнувања и бакнувања, па дури и солзи радосници.
Следниот ден, на 19 јули, на светата архијерејска литургија во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ бил објавен актот за прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква. По литургијата следувала интронизацијата на Архиепископот охридски и македонски Доситеј на тронот на древните охридски архиепископи. Откако ја прочитал и ја потпишал заклетвата, двајцата архијереи, митрополитот Климент и епископот Наум, го довеле на тронот. Му била предадена панагија со ликот на свети Климент Охридски и жезол како симбол на духовната власт. Потоа започнала трпеза на љубовта, со што Третиот македонски црковно-народен собор официјално завршил со работа.
Освен што била донесена историската одлука за автокефалност, за време на Третиот македонски црковно-народен собор била формирана Американско-канадско-австралиската епархија која е една од дванаесете, односно една од четирите задгранични епархии на Македонската православна црква. Прв нејзин епархиски архиереј бил митрополитот Кирил, кој 20 години ја управувал со епархијата, која во 1974 година била поделена на две епархии: Американско-канадска и Австралиска епархија. Со Австралиската раководел до 1882 година, по што на нејзино чело дошол Митрополитот г. Тимотеј, а со Американско-канадската до 1987 година. Од 1987 до април 1989 година тогашниот митрополит, а денес архиепископ Стефан ја носел титулата Американско-канадски; од април 1989 до 1992 година епархијата ја администрирал архиепископот Гаврил, а потоа епархијата била под административна надлежност на Синодот. Архиепископот Михаил го презел администрирањето од 1993–1999, архиепископот Стефан од 1999 до 2006, а сегашниот надележен архиереј, митрополитот Американско-канадски Методиј (Златанов) од 2006 година го започнал управувањето врз епархијата.
Друг значаен факт кој се случил за време на соборот пред 55 години било возобновувањето на древната Величка епархија со седиште во Охрид. На 18 јули 1967 година, бил назначен за епархиски архиереј на Величката епархија со седиште во Охрид, викарниот Епископ велички Методиј (Попоски). Само по една година, на одржаниот Црковно народен собор на 17 октомври 1968 година, со одлука бр. 538, древната Величка епархија била преименувана во Дебарско-кичевска епархија, повторно со седиште во Охрид и со неа управувал сѐ до неговото упокојување на 25 февруари 1976 година. Од 1976 година, пак се до изборот за Архиепископ со Дебарско-кичевската епархија управувал Митрополитот Ангелариј, а од 1981 година со епархијата управува сегашниот Митрополит дебарско-кичевски г.Тимотеј.
Сите овие настани на Македонската православна црква кои се случиле на денешен ден претставуваат вистински празник не само за црквата, туку и пошироко за сите граѓани на нашата држава, бидејќи се неприкосновен чин на остварување на слободата на вероисповедта и на изразување на верата како фундаментално човеково право.