ПОЗНАТИ ТУРИСТИЧКИ ДЕСТИНАЦИИ: ПОСЕТЕТЕ ГО ОХРИД
Охрид претставува главен административен и туристички центар. Тој поради својата местоположба и природните, културните и историските убавини, како и поради големиот број цркви и манастири со право се нарекува македонски и балкански Ерусалим.
Охридското Езеро, кое важи за најстарото во Европа, заедно со градското подрачје е дел од културното и природното наследство на УНЕСКО
Во Охридскиот регион со свои верски објекти присутни се МПЦ-ОА, ИВЗ
и Католичката црква, но и повеќе од малите религиозни групи.
Посетете го Охрид и неговите убавини!
Поради својата местоположба и природните, културните и историските убавини, Охрид со право се нарекува македонски и балкански Ерусалим. Градот е автентичен и заедно со Езерото плени со својот изглед, поволна клима и вреди да се посети. Оние кои еднаш го посетиле сакаат повторно да се вратат и да уживаат во неговата убавина.
Охрид претставува главен административен и туристички центар. Тој е жив град две илјади и четиристотини години, легитимен наследник на сјајната Лихнида, град чии достигнувања се вткаени во духот на една моќна античка цивилизација. Како епископски центар пред 2000 години и центар на надалеку прочуената Охридска архиепископија, градот низ вековите ја претставувал целата црковна историја на Македонија. Охрид бил најважната официјална престолнина на првата словенска македонска држава, на империјата на Самуил. Охрид во XIX век беше центар на преродбата на Македонија.
Во Охридскиот регион со свои верски објекти присутни се МПЦ-ОА, ИВЗ и Католичката црква, но и повеќе од малите религиозни групи. На просторот на Охрид и охридско дејствува Дебарско-кичевската православна епархија на МПЦ-ОА, како и Охридското муфтиство на ИВЗ.
ТОП АТРАКЦИИ И МЕСТА ЗА ПОСЕТА ВО ОХРИД
Охридското Езеро, кое важи за најстарото во Европа, заедно со градот Охрид, е дел од културното и природното наследство на УНЕСКО од 1980 година. Познато е по бистрата вода, а многумина го нарекуваат македонско море кое плени со богата флора и фауна, но и рибен фонд.
Доколку сакате најубав поглед на градот, тука е Самоиловата тврдина, која претставува една од најважните културно-историски знаменитости. Низ историјата оваа тврдина многупати била уривана, обновувана и доградувана, така што ги носи карактеристиките на речиси сите епохи на градот Охрид. Се верува дека поголемиот дел од ѕидините на тврдината и предградијата, заедно со зачуваните кули, потекнуваат од времето на царот Самуил.
Веднаш под Самоиловата тврдина во срцето на стариот дел на градот се наоѓа Античкиот театар кој датира од хеленистичкиот и римскиот период. Античкиот театар е целосно реновиран, а од 2001 година на отворена сцена се организираат драмски претстави, концерти, претстави и разни други настани.
Најрепрезентативен објект во стариот дел на градот е Куќата на Робевци, денес споменик на културата под надлежност на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид. Во него се сместени: Археолошкиот музеј, златна соба, етнолошка изложба, предмети од семејството Робевци, како и дела од Охридската резбарска школа.
Пред да пристигнете во Свети Наум, мора да го посетите и Заливот на коските, археолошки локалитет на праисториска населба со реконструирани живеалишта кои го покажуваат начинот на живеење во минатото, а ќе видите и прекрасна тиркизна вода со риби кои пливаат во него.
Покрај овие убавини, градот е атрактивен и поради старите охридски куќи во стариот дел на градот, во Варош, старата чаршија, кејот, бројните продавници, хотели, ресторани кои нудат традиционална македонска храна за секого, дури и за најпребирливите.
НАЈПОСЕТУВАНИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО ОХРИД
Поради големиот број цркви и манастири Охрид со право го носи епитетот- Балкански Ерусалим. Од нив, најпосетувани се: Св. Јован Канео, Свети Климент и Свети Пантелејмон на Плаошник, Пресвета Богородица Перивлепта, Света Софија, манастирот Свети Наум кој се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и планината Галичица.
Света Софија е катедрален црковен храм во стариот дел на градот Охрид . Посветена е на Христос како Божествена премудрост, т. е. Св. Софија. Оваа црква претставува една од најзначајните знаменитости во Македонија, најубав израз на средновековниот период на овие простори. Нејзините особено вредни оригинални фрески од XI век се влезени во секоја антологија на средновековната уметност. Во еден долг временски период таа била соборна црква на Охридската архиепископија, која својата црковна власт ја протегала на територијата на север до Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток. Денес, покрај нејзиното значење како знаменитост, внатрешноста на црквата Света Софија, заедно со нејзиниот двор и колонадата, претставуваат важно место за одржување на културни настани, какви што се: Охридското лето, концерти, драмски претстави и др. Во храмот на охридските архиепископи во Охрид се одржал историскиот Трет црковно-народен собор на кој на 18 јули 1967 година архиепископот Доситеј на соборјаните им ја прочитал синодската предлог-одлука за прогласување автокефалност. Таа била примена со безгранична радост и восхит, бидејќи со тој чин била отстранета една тешка и безочна неправда направена спрема народот страдалник со укинувањето на неговата света црква во 1767 година.
Свети Климент и Свети Пантелејмон на Плаошник е можеби најсилната манифестација на словенскиот дух што владеел на овие простори. Манастирот, првично посветен на Св. Пантелејмон, бил подигнат во 893 година како ктиторски подвиг на големиот словенски просветител Свети Климент, кој не само што го избрал манастирот за свој дом туку и за негово вечно почивалиште. По неговата смрт манастирот имал улога на најзначаен центар на Охридската книжевна школа. Со доаѓањето на Свети Климент од Кутмичевица во Охрид, тука била воспоставена традицијата на оваа духовна и книжевна школа, која во палеославистиката се смета за своевиден Светиклиментов универзитет. На почетокот на новиот милениум моштите на Св. Климент се вратени на својата првобитна локација, во возобновената црква на „Св. Пантелејмон и Св. Климент“. Во план е враќање на сјајот на некогашниот духовен и културен центар на словенството, во чии рамки треба да се подигнат повеќе институции.
Црквата „Свети Јован Богослов Канео“ е една од најпознатите цркви во Охрид, којс се наоѓа на атрактивниот карпест рид над надводната пештерска црква посветена на Воведението на Пресвета Богородица – Пречиста, во стариот дел на градот. Црквата е изградена пред XIV век. Од посебно значење за фреско-сликарството во црквата е заедничкиот приказ на тројцата големи проповедници: првиот велички епископ, учител и просветител, и патрон на Охрид, Св. Климент Охридски од Х век, охридскиот архиепископ Константин Кавасила од ХIII век и првиот ранохристијански мисионер во овие краишта, Св. Еразмо Лихнидски од III век. Во оваа црква, која плени со својата местоположба и со фреско-сликарството, исто така е крунисан за солунски цар епирскиот деспот Теодор и Ангел Дука од страна на охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан во првата половина на XIII век, времето кога е изградена и живописана оваа црква.
Манастирот „Богородица Привлепта“ (односно, Пресвета Богородица, онаа што гледа сѐ) се наоѓа во стариот дел на Охрид – Горна порта. Во натписот што се наоѓа над западниот влез во нартексот се наведува дека ктитор на манастирот бил византискиот војсководец Прогон Згур, зет на византискиот император Андроник II Палеолог, кој го подигнал во 1295 година. Откако Климентовиот манастир „Св. Пантелејмон“ бил урнат и претворен во џамија, моштите на Св. Климент биле пренесени во манастирот „Богородица Перивлепта“, па затоа овој манастир уште се нарекувал и „Св. Климент“. За време на турскoто владеење, „Св. Климент“ станал соборен храм на Охридската архиепископија, бидејќи најголемата охридска црква „Света Софија“ била претворена во џамија. Во него биле пренесени многубројни црковни реликвии, книги и икони, од кои некои се зачувани до денешни дни. Ваквата положба манастирот го направил вистинска ризница (музеј) на Охридската архиепископија, една од најстарите во Европа. Денес манастирот „Богородица Перивлепта“ во Охрид претставува дел од бсветското културно и природно наследство на Охридскиот Регион на Листата на УНЕСКО. Галеријата на икони во Охрид се наоѓа во музејскиот комплекс на манастирот.
На 19 јули 1967 г. во храмот на Свети Климент, Богородица Перивлепта, Неговото Блаженство г. Доситеј, следејќи ја традицијата на претходните охридски поглавари, беше интронизиран за архиепископ на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонска православна црква. Тогаш архиепископот го стави својот потпис на одлуката, по што двајца архијереи, високопреосвештените г. Климент и г. Наум, го доведоа до тронот на старите охридски архиепископи, предавајќи му ги инсигниите и архиепископскиот жезол. Од 2020 година во ова светилиште престојува еден монах, со што е отпочната фазата за негово заживување.
Манастирот „Свети Наум Охридски“ се наоѓа во локалитетот „Свети Наум“, на 30 километри јужно од градот Охрид. Издигнат е на карпа високо над охридскиот брег. Датира од 900 година, а негов ктитор бил најголем следбеник на Свети Климент, Наум Охридски Чудотворец, кој тогаш црквата ја посветил на Светите архангели Михаил и Гаврил. Свети Наум Охридски бил погребан во малата капела во манастирот. Капелата постои и денес и е украсена со прекрасни фрески со сцени од животот и чудата на светителот. Секојдневно манастирот го посетуваат поклоници на култот на Свети Наум и туристи, а особено масовно е посетен во летниот период. Манастирот е украсен со прекрасни пауни кои се сметаат за симбол на христијанството, а во негова непосредна близина се изворите на реката Црни Дрим.