Оваа година, за прв пат, македонско државно-црковна делегација присуствуваше на официјалната церемонија на појавувањето на Благодатниот оган во базиликата Свет Гроб во Ерусалим, без да бидат дел од делегација на друга држава, а потоа и лично презедоа Оган од Ерусалимскиот патријарх и истиот го донесоа во нашата земја, како благослов за верниците во нашата држава и нашата православна црква, МПЦ-ОА.
Државна делегација на Република Северна Македонија и црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска архипепископија присуствуваше на појавувањето на Благодатниот оган во базиликата Свет Гроб во Ерусалим, а потоа и лично презедоа Оган од Ерусалимскиот патријарх, како благослов за верниците во нашата држава и нашата православна црква, МПЦ-ОА.
Државната делегација во Ерусалим ја предводеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Во црковната делегација беа повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.
VIDEO
На церемонијата „Преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел, присуствуваа голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно со другите делегации, присуствуваа и претставниците на македонска државна и македонска црковна делегација.
Целта на упатувањето на делегациите во Ерусалим беше чудото на слегувањето на Светиот Оган во Ерусалим, коешто се случува секоја година за време на посебната православна служба на Велика Сабота на пладне, во Базиликата на Светиот Гроб, во пресрет на полноќното исчекување на објавата за Христовото Воскресение.
И покрај оградата на науката, поради натприродниот карактер на појавата, со векови, присутните сведочат за доживувано слегување на несоздадениот Благодатен Оган, што го пали кандилото на пресветиот Гроб, без човечка интервенција. Од тоа кандило Ерусалимскиот патријарх пали снопови со свеќи, од коишто понатаму им го дели Огнот на присутните верници, кои го очекуваат.
Церемонијата на преземање на Благодатниог оган е посветена на празнување на Светата светлина, што се смета за величествен момент којшто ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто чин присуствуваат христијани од целиот свет.
Македонската државна и црковна делегација по завршувањето на свечената церемонија се врати во Скопје, пренесувајки го во фенер Благодатниот оган од Ерусалим.
На Меѓународниот аеродром Скопје, државната и црковната делегација со почести беше пречекана од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и од страна на свечената црковна делегација на МПЦ-ОА. Свеченоста ја збогати и присуството на претставници на почесната гарда на Армијата на Република Северна.
Благодатниот оган, во фенер, го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф, Митрополит Тетовски-гостиварски, по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација, кои ги пречекаа делегациите од Ерусалим.
Од Благодатниот оган свеќа запали и премиерот Ковачевски, кој го честиташе претстојниот празник Христовото Воскресение - Велигден на претставниците на МПЦ-ОА, на присутните, како и на сите граѓани кои празнуваат. Премиерот Ковачевски порача дека личното присуство на македонска државна и црковна делегација во Ерусалим и непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава, е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден.
По церемонијата на пречекот на аеродромот во Скопје, свештените лица го пренесоа Благодатниот оган до поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.
Во составот на владината делегација, во Ерусалим беа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим секоја сабота пред Христовото Воскресение, има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото Воскресение.