ВЕРСКИ КАЛЕНДАР: ИСЛАМСКИ ПРАЗНИК КУРБАН БАЈРАМ
Денес муслиманските верници го прославуваат големиот празник Курбан Бајрам.
Овој празник е познат како празник на жртвата, бидејќи тогаш се принесува животно како жртва за доброто на верата и за корист на луѓето.
На сите припадници на исламската вероисповед им го честитаме овој празник со искрени желби за добро здравје и многу среќа.
Курбан Бајрам е празник, кој трае 4 дена (10-13 од исламскиот месец зул хиџе) и е наречен празник на жртвата. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, обично овен. Месото им се раздава на сиромашните, соседите и на роднините. На овој празник се крунисува аџилакот на аџиите што заминале на поклонение во Светата Ќаба во Мека. Овој празник е последен во исламскиот календар.
Припадниците на исламската вероисповед го прaзнуваат големиот празник Курбан Бајрам. Овој празник е познат како празник на жртвата, бидејќи тогаш се принесува животно како жртва за доброто на верата и за корист на луѓето. Принесувањето курбан е ритуал што се поврзува со Ибрахим (Авраам) и Исмаил и значи приближување кон Бога. Според Куранот, светата книга на муслиманите, оваа жртва ја заменува човечката која требало да ја направи Ибрахим наместо да го жртвува сопствениот син. Но, Алах тоа го заменил со овен. Подготвеноста на Ибрахим да го жртвува својот син за доброто на Алах предизвикало Алах да му го поштеди животот на неговиот син. Ова се сметало за Господово чудо. Токму поради оваа посветеност во историјата на исламот, муслиманите го слават Курбан Бајрам секоја година за да ги примат Алаховите благослови и прошка.
Традицијата на Курбан-бајрам останала до ден денешен. Обичајот го изведуваат сите муслимани кои имаат можност за тоа, веднаш по клањањето на бајрамскиот намаз. Покрај овен, за курбан може да се принесе и овца, коза, крава или камила. При принесувањето на животното се изговара: ,,Бисмилах - Алаху екбер" што значи „Во името на Алах.Алах е најголем“
Потоа, месото се дели на три дела, еден дел се задржува за семејството, додека другите два им се делат на сиромашните, на соседите и на роднините, а може да се подели и целиот курбан.
Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на исламот на празникот Курбан-бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник.
Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам или Рамазан, а со него се поврзува комплетирањето на Светиот Куран. Курбан-бајрам го одбележува и завршувањето на аџилакот на аџиите кои одат да се поклонат на Светата Ќаба во Мека. Аџилакот е една од петте свети должности на муслиманите.
ЧЕСТИТ КУРБАН-БАЈРАМ НА СИТЕ ПРИПАДНИЦИ НА ИСЛАМСКАТА ВЕРОИСПОВЕД, ДОБРО ЗДРАВЈЕ И МНОГУ СРЕЌА!