НОВИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ВЕРСКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО УЧИЛИШТАТА: Етиката во религиите задолжителен изборен предмет?
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска за весникот ВЕЧЕР објасни во што е суштината на новиот предлог во врска со верското образование. Се работи за воведување на предметот поврзан со „Етика“, „Етика во религиите“ и „Културно и религиско наследство“ во основното и во средното образование и кој ќе претрпи промени во зависност од возраста на учениците.
– Иницијативата е воведување на предмет „Етика“, кој ќе претрпи модификации зависно од училишната возраст. Па, така, од прво до петто одделение се предлага да бидат застапени содржини од етика, психологија и социологија и религиско образование, а ќе ги предаваат одделенски наставници. Во шестото одделение да бидат застапени содржини од етика на религии со наставен кадар – теолози, а во седмо одделение содржини од културно и религиозно наследство со наставен кадар – теолози. Во осмо и деветто одделение во основното образование и од прва до четврта година во средното образование да бидат застапени содржини од етика, психологија и социологија со наставен кадар – филозофи, етичари, социолози. Предметот да има статус на изборен-задолжителен предмет, во крајна инстанција задолжителен. Наставниците да бидат во постојан работен однос и со полн фонд на часови – објасни Трајковска за весникот ВЕЧЕР.
Со ова, практично, ќе се обезбеди предмет чиј краен назив ќе биде формулиран со заеднички договор на Комисијата, на МОН, на верските заедници и на Асоцијацијата на професори по предметот „Етика во религии“, да биде една од двата задолжителни изборни предмети кои ќе ги избираат учениците. Предметот „Етика во религии“, кој како задолжителен изборен почна да се предава пред тринаесетина години, во 2021 година доживеа промена на статусот и се стави во групата на „слободно-изборни содржини“. Со тоа се намали и интересот на учениците, кои освен него можеа да избираат и десетина други наставни содржини како на пример шах или слично…
– Мотивот за воведување на религиско и етичко образование во училиштата е пред сѐ, враќање на основните морални норми во општествен контекст. Моралната ерозија која со децении го еродира нашето општество носи долгорочни последици, како на индивидуално, така и на колективно ниво. Насушно ни е потребно воведување предмет кој ќе нѐ врати кон вистинските вредности: почит кон другарчето, кон родителот, наставникот, различниот од себе; предмет кој ќе учи за љубов, мир, соживот и толеранција – нагласува директорката Трајковска.
Директорката Трајковска наведува дека со воведувањето на предметот „Етика“, „Етика во религиите“ и „Културно и религиско наследство“ не се нарушува принципот на секуларност.
– Ова со оглед на тоа што содржините се адаптирани на наставните програми согласно со Бирото за развој на образованието, предавачите се со образовен профил кој ги исполнува сите критериуми, предметот доаѓа од државна институција, без директна иницијатива на верските субјекти. На ниту едно дете нема да му биде наметнато насила да учи религија, така да можноста за индоктринација на старт се отфрла како апсурдна – нагласи таа.
Целото интервју можете да го причитате на следниот линк:
https://www.vecer.press/novi-predlozi-za-versko-obrazovanie-vo-uchilishtata-etikata-vo-religiite-zadolzhitelen-izboren-predmet/