НА ДЕНЕШЕН ДЕН СЕ СЛУЧИ СТРАШНИОТ СКОПСКИ ЗЕМЈОТРЕС
Секој 26 јули, Скопје се сеќава... 59 години од катастрофалниот земјотрес којшто во 20 секунди траење однесе 1070 жртви и повеќе од 3000 повредени, додека 65 проценти од зградите беа разурнати. Помош пристигна од 65 земји од светот. Скопје стана град на солидарноста и заедништво
Во земјотресот пострадаа и голем број на верски храмови и објекти.
Во земјотресот од 1963 година Скопје доживеа невидена катастрофа и градот мораше да добие и еден поинаков облик. Скопје беше катастрофално разурнато и според кажувањата на многу светски урбанисти, како што се Циборовски и Кензо Танге. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно беа разрушени: Црквата „Св.Константин и Елена“, Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Католичката Црква, Чифте амамот, Куршумли ан, црквата „Св. Спас“, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Мустафа-пашината џамија. По тој повод, се навраќаме кон значењето и историјата на дел од овие објекти кои настрадаа во скопскиот земјотрес.
Црквата „Свети Константин и Елена“ спаѓа во легендите кои го обележаа овој град, урната во земјотресот од 1963 година. Беше сместена во централното градско подрачје, во некогашното Влашко маало и Поп Кочина улица, како дел од поширокиот простор на познатото скопско Ново маало. Храмот „Св. Константин и Елена“ започнал да се гради уште пред Првата светска војна. Бурните времиња кои се сменувале едно по друго, ја попречиле нејзината изградба. Таа е завршена и осветена во 1926 година. Оттогаш не престанува нејзиното духовно зрачење, но и живото сеќавање на постарите генерации за неа откако беше урната во земјотресот. Таа памети многу венчавања, крштевки, простување со покојните, верски живот кој се одвиваше дури и во времињата кои не беа погодни за тоа.
Особено значаен за поновата историја на Македонската православна црква била и зградата на Офицерскиот дом во Скопје, во кој во далечната 1945 година се одржал Првиот црковно-народен собор за возобновување на Охридската архиепископија. Нажалост и тој објект не го преживеал земјотресот.
Старата Католичка црква во Скопје која се наоѓаше во близина на денешниот Спомен куќа на Мајка Тереза била делумно оштетена за што постојат автентични сведоштва. Имено, камења од ѕвоникот на Католичката црква паднале врз жена која тогаш минувала на улицата. Света Мајка Тереза која била родена во Скопје на една нејзина посета во нејзиниот роден град кажала: „Каде е моето Скопје?“ предавајќи ја тапијата од имотот на семејството филигранџии во рацете на тогашниот градоначалник Методиј Антов.
Мустафа пашината џамија во Скопје била делумно оштетена со земјотресот од 1963 г. Изградена е при крајот на 15 век (1492) од страна на Мустафа паша, висок османлиски великодостојник за време на владеењето на султаните Бајазит Втори и Селим Први. Џамијата денес е целосно реконструирана и плени со нејзините извонредни архитектонско-естетски квалитети. Покрај џамијата се наоѓа турбето во кое е погребан ктиторот на џамијата Мустафа паша.
Во Скопје некогаш, во Еврејското маало имало две синагоги, во близината на Стариот театар. Едната од нив постоеше сѐ до скопскиот земјотрес. Еврејските гробишта кои се наоѓаа во скопската населба Црниче беа делумно оштетени, по што истите беа дислоцирани во сегашните градски гробишта во Бутел. Денес во рамките на Еврејската заедница постои синагогата „Бет Јаков“ каде се продолжува негувањето на традицијата и верата на Евреите.
Во постземјотресно Скопје скоро сите овие и многу други објекти добија нов сјај што е еден убав пример за негување на вековниот традиционален верски соживот кој отсекогаш бил карактеристичен белег не само за Скопје, туку и за цела Македонија.