Овој веб сајт користи колачиња "Cookies"

Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашата апликација. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашата апликација

KOVZ - Македонска христијанска уметност

Македонската христијанска уметност

Македонската христијанска уметност на овие простори е длабоко поврзана со македонската црковна историја, традициите и обичаите на македонскиот народ. Сложените општествени прилики и драматични премрежја во ова срце на Балканот, резултирале со создавање на врвни уметнички дела кои се вбројувааат меѓу највпечатливите остварувања на христијанската уметност воопшто. Верата на македонскиот народ јавно се изразила преку религиозното творештво, на многу начини и во многу облици: преку градба на верски објекти (цркви и манастири, конаци и баптистериуми), во музичкиот или поетскиот израз (богослужбени книги), со сликарска уметност (иконописи и фрескоживопис), со благолепието (богослужбени предмети) и преку други црковни уметности. Сите овие дела со трајни уметнички квалитети до ден денешен ги украсуваат македонските храмови и преставуваат извор на творечка инспирација на врвни уметници ширум светот.

            За почетоците на христијанската уметност во Македонија сведочат преданијата на Црквата и самата Библија во која за прв пат ги среќаваме зборовите „Македонија и македонски цркви“. Во Делата Апостолски на Светиот апостол Лука, е запишано дека за време на својот престој во Троада, апостолот Павле имал визија на човек од Македонија, кој го повикал да појде во Македонија. (Дела Ап. 17,6) Оттука, Македонија станала портата низ која христијанството ќе влезе во цела Европа.

            Покрај Библијата, археологијата и ранохристијанските историски извори го потврдуваат постоењето на христијански симболи кои грижливо се чувале и почитувале од првите христијани-мачениците. Во Македонија има многу археолошки локалитети со базилики од ранохристијанскиот период (II–VII век во Стоби, Хераклеја, Скупи, Охрид, Стибера, Баргала, Мородвис, Виничко Кале и др.) и, понатаму, во континуитет од средниот век до денес.

            Една од најзначајните ранохристијански базилики е Старата епископска базилика во Стоби. Епископската базилика, заедно со Крстилницата, во стариот град Стоби го сочинуваат најголемиот, најзначаен и највеличествен ранохристијански комплекс во земјава. Виничкото Кале, пак кое се наоѓа во непосредна близина на градот Виница е посебно познато по теракотните икони – релјефи, единствени од ваков вид во светот, пронајдени во него со сцени од Стариот и од Новиот завет, кои датираат од IV–VII век од н.е.

            Стилот на христијанската уметност во Македонија (фрескоживописот и иконописот, копаничарството, црковната архитектура, црковната музика и другите црковни уметности) е во нераскинлива врска со стилот на источноправославната уметност. Во православната христијанска уметност смислата на визуелниот облик е да ја покаже духовната убавина на внатрешниот свет кој е манифестација на светоста  и светиот начин на живот посветен на Бога.

            Македонските цркви и манастири, фрески и икони претставувале и сѐ уште претставуваат најмаркантен израз на културните влијанија на времето. Со доаѓањето на светиот Климент и изградбата на неговиот манастир „Свети Пантелејмон“ во Охрид (893), на овие простори започнал нов период во христијанската уметност. Македонците го стекнале својот прв Светиклиментов универзитет, кој бил првиот образовен и верски центар во Европа. Охридската книжевна школа преставувала двигател на христијанската уметност. Посмртта на светите Климен и Наум, нивните ученици го продолжиле нивното творечко дело. Подоцна по Преспа и Охрид станал центар на црковниот живот на македонските простории и пошироко, како седиште на прочуената и славна Охридска Архиепископија. Тука би го спомнале и манастирот „Свети Наум Охридски“, кој е бисер на Охридското езеро. Едно од архитектонските мајсторства од овој период е Катедралната црква „Св. Софија“ која била седиште на големите Охридски Архиепископи и ремек-дело на словенската црковна уметност која датира од XI век. Со нејзиното претворање во џамија во раниот османлиски период, па сè до првата половина на XIX век, македонската христијанска уметност главно ги следи стиловите на византиската и поствизантиската уметност.

            Веќе од почетокот на 80-тите години од XIX век, како резултат на економскиот подем на македонскиот народ и дозволата на османлиската власт да се градат поголеми цркви повтoрно дошла до израз нашата специфична македонска архитектура и сликарство. Во тоа време во подем била и нашата резба, која сè повеќе се појавувала како внатрешна декорација  на црквите, кои зачестено се граделе во градските и селските средини. Во тој период доаѓа до развој и зографската уметност, каде што се случиле значајни промени во македонското религиозно сликарство. Доаѓа до создавање на една нова варијанта во разбирањето на формите на ликовниот израз. Во овој период, во душата на македонскиот народен бит се вткајуваат многу познати и звучни имиња. Меѓу нив, заслужено место завзема и творештвото на познатите уметници претставени преку бројните фамилилијарни тајфи: Филипоски, Фрчкоски, Рензоски-Зографски, Дичовци, Папрадишки, Дамјанови. Низ нивните длета ќе проструи уникатниот раскош на форми, фигури, орнаменти и сето тоа пренесено на ореовите плочи, со драматични визии на религиозните сцени. Овие македонски зографски, резбарски и градителски тајфи создавале вечни и благочестиви дела. Од неимарските и зографските ателјеа од Солун, Охрид, Костур и од останатите градови ќе произлезат автори на ремек-делата на градителската вештина и на сликарското мајсторство. Покрај претставите со патриотска содржина, значајно место завземаат и претставите со есхатолошка содржина кои биле одраз на долгите и мачни ропства на македонскиот народ за време на разните окупации.        

            Големите светски уметнички центри ќе речат дека и ренесансата може да си ги препознае своите почетоци во духовните оази на македонски цркви и манастири. Уште повеќе што овие духовни оази се сместени во најубавите, живописни предели на Македонија и денес претставуваат туристичка дестинација на многу пасионирани љубители на уметноста и верскиот туризам.

            Освен православната уметност, нашата земја низ вековите станала побогата и со христијанската уметноста развивана од Католичката и протестантските цркви на овие простори.

            Денес современите македонски уметници продолжуваат да творат уметнички дела со непроценлива вредност инспирирани од христијанската религиска уметност, која со векови во континуитет се создавала под македонското небо.


ИКОНОПИС И ФРЕСКОЖИВОПИС

ЦРКОВНА МУЗИКА

КОПАНИЧАРСТВО

ЦРКОВНИ МОЗАИЦИ

ЦРКОВНА АРХИТЕКТУРА И ГРАДИТЕЛСТВОp>

ДРУГИ ЦРКОВНИ УМЕТНОСТИт