Директорот на КОВЗРГ, г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на прославата на Свети Кирил Лешочки во Лешочкиот манастир.
На 12 март по стар календар (25 март по нов), денот на упокојувањето на Преподобниот Кирил Лешочки, кога Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, веќе втора година го слави неговиот спомен, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, во Лешок, беше одбележан споменот на овој новопрославен македонски светител.
По тој повод, во Лешочкиот манастир дојде Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој беше молитвено присутен на богослужбата.
Епископот домаќин, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф началствуваше на Литургијата на Претходноосветени дарови.
Нему му сослужуваа Пречесниот Протојереј-ставрофор Јован Милановиќ од Српската Православна Црква, ректор на Карловачката богословија „Св. Арсеније“ во Сремски Карловци, кој со дел од богословите се во неколкудневна посета на Македонската Православна Црква, и свештенослужители од Скопската и Тетовско-гостиварската епархија.
На службата беше присутен и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи г. Даријан Сотировски.
Богословите од Карловачката богословија, со своето црковно пеење придонесоа за великолепноста на богослужението.
Неговото Високопреосвентенство Митрополитот Јосиф на Светата Литургија им се обрати на гостите и на народот со поучно слово за Свети Кирил, истакнувајќи дека ние сме повикани секогаш да се навраќаме, да ги препрочитуваме делата на нашите преродбеници и светители и да се поучуваме од нив.
На крајот на богослужбата, Владиката Јосиф ги благослови празничното коливо и славскиот колач.
Бројниот верен народ кој дојде за празникот во манастирот, се причести со Светите Дарови.
Митрополитот Јосиф, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан, на ректорот на Карловачката богословија, му подари честица од моштите на Светиот Кирил Лешочки.
По богослужбата, Епископот домаќин, имаше приредено трпеза на љубовта за гостите.
На трпезата свое обраќање имаше Архиепископот Стефан кој, говорејќи за значењето на празникот, нагласи дека светителите немаат потреба ние да ги прославуваме, туку ние имаме потреба и за наша полза е почитувањето на нивниот спомен, и угледувањето од нивниот пример.