Говор на проф. д-р Александар Литовски на Свечена академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
Дејствувањето на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија во периодот август-декември 1943 година и почетокот на решавањето на македонското црковно прашање
Преспанскиот состанок на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (ЦК на КПМ) одржан на 2 август 1943 година во близина на селото Отешево, заедно со Првото заседание на АСНОМ, претставува настан во македонската националноослободителната војна од 1941 - 1945 година, и воопшто во македонската национална историја, од исклучително големо значење. Имено, на тој состанок беа донесени решенија кои имале далекусежно позитивни последици за иднината на македонскиот народ и за успехот во борбата за создавање на македонска национална држава со сите нејзини институции и национални обележја. Со неговите решенија беа отстранети многу дилеми, беа зацврстени многу од претходно заземени определби и беа дефинирани практичните чекори за остварување на зацртаните цели со што започнува една нова, победоносна и државотворна, фаза во македонската националноослободителна војна.
Присутните членови на ЦК на КПМ на Преспанскиот состанок, Кузман Јосифовски-Питу, Страхил Гигов и Цветко Узуновски-Абас, заедно со делегатите на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и Врховниот штаб на Народноослободителната војска на Југославија, Светозар Вукмановиќ-Темпо и Добривое Радосављевиќ-Орце, решија вооружената борба да биде засилена преку регрутација на нови партизански доброволци и создавање на регуларни воени единци односно баталјони, бригади и корпуси на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ). На состанокот, прашањата за самоопределување и обединување на македонскиот народ беа утврдени како суштинска и незаобиколива цел на вооружената борба, односно беше решено „бидејќи народноослободителното движење најсилно се разви во Македонија на територијата на Југославија и бидејќи ова движење е центар на собирањето на целиот македонски народ“ да се истапи со „паролата за ослободување и обединување на македонскиот народ во братска заедница на сите југословенски народи“. Тогаш беше донесено решение да се организира АСНОМ и да се засилат практичните подготовки за свикување на неговото прво заседание. Може да се констатира дека усогласеноста на решенијата од Преспанскиот состанок со македонските национални интереси, најдобро и неодрекливо ја потврди понатамошниот развој на настаните, во кои македонската Националноослободителна војна, како дел од општојугословенската антифашистичка борба, константно бележеше подем и стигна до победоносен крај.
Набрзо, во периодот од август до декември 1943 година, врз основа на решенијата на Преспанскиот состанок, Главниот штаб (ГШ) на НОВ и ПОМ презеде низа активности со кои овозможи голем растеж на партизанските одреди, а беа формирани повеќе покрупни регуларни воени партизански единици. Како резултат на сето тоа, по капитулацијата на Италија на 8 септември 1943 година, единиците на НОВ и ПОМ во Западна Македонија формираа голема слободна територија во која одреден период влегуваа и градовите Кичево и Дебар.
На слободна територија во почетокот на октомври 1943 година се појави Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и, како негов придружен документ кој служеше за објаснување на изнесените ставови, Циркуларното писмо бр. 1 од ЦК на КПМ. Всушност, Манифестот беше јавна прокламација на идејните основи на борбата за македонска национална држава, односно јавна прокламација на македонската националноослободителна платформа усвоена на Преспанскиот состанок, а Циркуларното писмо бр. 1 ги прецизираше таму изнесените ставови за потребите на оние борци кои беа главните политичките организатори и носители на борбата.
Манифестот се темели врз одделниот македонски национален идентитет и од него произлезените македонски национални интереси. Поаѓајќи од таквата основа, решавањето на македонското национално прашање, во Манифестот се третира како исклучиво право на македонскиот народ. Извојувањето на национална афирмација и македонска национална држава беа главните задачи кои ги постави Манифестот пред сите оние кои беа вклучени, или сакаа во иднина да се вклучат во македонското националноослободително движење и партизанската антиокупаторска борба.
Меѓутоа, на силите на македонското националноослободително движење кои застанаа зад Манифестот, кон крајот на 1943 година веќе им беше сосема јасно дека национална слобода и афирмација на сите полиња може да се добие единствено по пат на вооружена борба против фашизмот и осојузување со големите сили од антифашистичката коалиција, кои јавно го прокламираа правото на самоопределување на народите. Тоа сфаќање беше содржано и во Манифестот и во циркуларното писмо на ЦК на КПМ. Истовремено, сосема им беше јасно и тоа дека јавните прокламации имаат само декларативен и пропаганден карактер, односно дека извојуваното право на самоопределување и државност треба да се поткрепи со сопствена реална воена и политичка моќ.
Поаѓајќи од таквите реални претпоставки, потписниците на Манифестот го прокламираа таканареченото „југословенското решение“ на македонското национално прашање, односно во национално–политичката платформа ја определија државно–правната иднина на Македонија во рамките на федеративна Југославија. Тоа значеше внесување во Манифестот на ставот усвоен на Преспанскиот состанок „за ослободување и обединување на македонскиот народ во братска заедница на сите југословенски народи“. Во Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, сето тоа беше формулирано како борба за „братски сојуз со сите југословенски народи, на базата на полна национална рамноправност...“, а преку сето тоа ќе се постигне „ослободуењето“ и „соединението на Македонија“. Со прифаќањето и внесувањето на „југословенското решение“ во Манифестот, како прво, се обезбедуваше потребната воено–политичка моќ за зачувување на, со борба освоените, придобивки на национален план и како второ, се овозможуваше поставување на прашањето за обединувањето во ситуација на „една мошне сложена политичка дихотомија“ изразена низ „од една страна остриот стремеж на македонскиот народ кон своето обединување..., а од друга страна, зависноста на обединувањето од другите меѓународни фактори...“
На слободната територија се организираа и функционираа военозаднински органи. На неа, сè повеќе, се зацврстуваа постојните и се создаваа нови народноослободителните комитети како органи на новата власт и како предвесници на институциите на идната македонска држава. На слободната територија пристигнаа и првите две британски воени мисии, а ГШ на НОВ и ПОМ, ја имаше задачата да ги организира врските и контактите во правец на добивање на воена помош од западните сојузници. Тука беше формиран Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, а се прифаќаа сите оние лица кои беа планирани за делегати на АСНОМ. На неа, започнаа со работа првите училишта во кои се зборуваше на македонски јазик.
Беа преземени активности за обнова на самостојноста на Македонската православна црква (МПЦ).
Најнапред, на 11 октомври 1943 година, во селото Црвена Вода, Охридско беше создадено Верско поверенство на ГШ на НОВ и ПОМ. Откако беше институционално конституирано, со наредба на командантот на Главниот штаб Михајло Апостолски, од 15 октомври 1943 година, свештеникот од Дебар, Вељо Манчевски, беше назначен за прв верски референт. Сите негови наредби и решенија според наредбата на Апостолки беа задолжителни за свештениците и црковните општини на ослободената територија.
Веќе на 21 октомври 1943 година, македонските свештеници: Вељо Манчевски, Кирил Стојановски, Антим Поповски, Матеја Поповски, Томе Поповски, Зафир Јовановски, Ристо Ристовски, Ристо Тасевски, Ламбе Поповски и Смиљан Ристовски го одржаа Првото свештеничко собрание во куќата на Јонче Николовски во село Издеглавје, Дебарца. Покрај одлуките што се однесуваа на организацијата на црковната управа и на вршењето на службата на свештениците, беа донесени и одлуки за учеството на свештенството и на верниците во Националноослободителната и антифашистичка војна, како и за обнова на Охридската архиепископија и создавање на Македонска православна црква. Сето православно свештенство од Македонија, а посебно од Дебарца, беше повикано да стапи во редовите на партизанската војска, да се вклучи во нејзино помагање со оружје, храна, облека и друго, а да откаже каква и да е соработка со окупаторите и со неговите слуги од редовите на македонскиот народ и малцинските народи на територијата на Македонија.
Фактички, со овие активности преземени од Главниот штаб и неговото Верско поверенство, започна решавањето на македонското црковно прашање врз македонска национална основа и тоа беше почеток на крајот од вековната борба на македонскиот народ да си ја врати својата слободна православна црква. Покрај тоа, и во пракса се покажа дека е целосно лажна и безвредна фашистичката антикомунистичка пропаганда, според која комунистичките безверници ги бесат, ги убиваат и ги малтретираат свештениците, односно дека ги уриваат и ги поганат црквите на сопствениот народ.
Со циркуларно писмо од 27 октомври 1943 година, верскиот референт при ГШ на НОВ и ПОМ Вељо Манчевски, ги извести свештениците на слободната територија за организирање на верскиот живот и за решенијата од свештеничко собрание. Во него, покрај останатото, стоеше: „1. Со успоставуењето на Народно-ослободителната власт престанујат да важат сите закони и наредби от бившата окупаторска власт. 2. Се кинат сите верски врски со верските установи што се најдувајат надвор от територијата на ослободената македонска земја. 3. Сите свештеници на слободната територија административно потпаѓат под власта на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија... 5. Матичните и други книги да се водат на македонски јазик. 6. Строго се забрануе на сите свештеници да земајат високи такси за исполнувањето на верските обреди... 9. Се задолжујат сите свештеници во својата парохија да држат проповеди во који ке му кажат на народот дека Народно-ослободителната војска не прави никакви пречки на вероисповедуењето и дава полна слобода на свештениците да си ја вршат својата верска работа како и до сега...“
Треба да се напомене дека врз основа на активностите преземени од Главниот штаб и неговото Верско поверенство на слободната територија во 1943 година, по една година, во октомври 1944 година во селото Горно Врановци беше формиран Иницијативен одбор кој под претседателство на протојереј-ставрофор Нестор Поповски го организираше црковно-духовниот живот во Македонија, ги решаваше проблемите на свештенството и верниците од верски, духовен и црковно-судски карактер и го подготви и го свика Првиот црковно-народен собор во Скопје на 5 март 1945 година за организирање на Македонската православна црква.
Слободната територија во Западна Македонија во редовите на македонското националноослободително движење беше сфаќана како оживотворување на паролата „слободна Македонија“ и зачеток на македонската држава. Оттаму, слободната територија претставуваше своевиден симбол на националната самобитност и стремеж кон национално ослободување и беше од исклучително големо значење за понатамошниот развој на Националноослободителната борба. Всушност, слободната територија со сите интитуции формирани на неа беше очигледен практичен чекор кон реализирање на целите на маедонската националноослободителна борба. Слободната територија во Западна Македонија успеа да се одржи до почетокот на декември 1943 година. На 5 декември 1943 година, ГШ на НОВ и ПОМ, под влијание на притисокот од голема офанзива на Вермахтот и под влијание на постоечката стратегиско–тактичка интенција за префрлување на друг терен, донесе решение за движење на главнината на партизанскиите единици кон територијата на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ и Мегленско во Егејскиот дел на Македонија, каде што единиците пристигнаа до 18 декември 1943 година.
На крајот да нагласам: нема никакви дилеми дека активностите преземени од раководството на Македонското националноослободително движење, а во тие рамки и активностите преземени од ГШ на НОВ и ПОМ на слободната територија во западна Македонија во есента и зимата 1943 година за решавање на македонското црковно прашање, претставуваат почеток на остварување на правото на самоопределување на македонскиот народ и создавање на македонската национална држава. Тоа е историската фактографија која сите сегашни и идни генерации Македонци, не само што треба да ја знаат, ценат и да ѝ оддадат достојна почит, туку и да научат како се сака Татковината и како чесно и државнички се работи интересите на својот народ!