Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на увидот од страна на владините претставници во манастирот „Свети вмч. Пантејлемон“ на Водно, каде се врши конзервација на конаците.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски, на ден 20. 01. 2021 година, заедно со вицепремиерот г-дин Љупчо Николовски, министерот за локална самоуправа г-дин Горан Милевски, министерката за култура г-ѓа Ирена Стефоска, градоначалникот на Општина Карпош г-дин Стефан Богоев и директорот на Бирото за регионален развој г-дин Рамиз Реџепи присуствуваше на теренски увид на градежните активности со кои се врши реконструкција и реставрација на конаците на манастирот „Свети вмч. Пантелејмон“ во скопско Нерези, кој како културно наследство, има исклучително важна културна и историска вредност.
Владината делегација во манастирот беше пречекана од страна на Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Прва Јустинијана г. г. Стефан, кој од име на монашкото братство на чело со игуменот отец Агатон се заблагодари за покажаната грижа за постепеното возобновување на ова наше значајно црковно светилиште од 12 век.
Во манастирскиот комплекс во тек е реконструкцијата на главниот конак со цел да се врати автентичноста, да се заштити и самиот конак како дел од целиот манастритски комплекс и да се помогне во заживување на овој духовен центар, културно-историски споменик, еден од симболите на нашата земја и на општина Карпош. Веќе се завршени голем дел од изведбените активности во врска со подот, санитаријата и внатрешното уредување. Освен тоа, веќе се работи и на замена на прозорците, целосна обнова на тоалетите, а се поставува и нова електрична инсталација.
Интензивираната уникатната санација, односно тековните иинтервенирања во внатрешноста и надворешноста на просториите, со цел враќање и задржување на нивната автентичност, и оригиналноста на изгледот на манастирскиот конак е финансирана од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа и е во вредност од 6 милиони денари.
Замената на столаријата беше повеќе од неопходна (дрвени врати и прозори), секако проследена со внатрешно уредување и пренамена на одредени простории, менување на подот, но со задржување на стариот стил т.е поставување на бродски под, реконструкција на тоалетите и поставување на нова електрична инсталација во конакот, нов систем за вентилација, нов противпожарен систем за дојава на пожар кој е од големо значење за сигурноста и безбедноста на просториите и самиот манастирски комплекс. Со сите овие интервенции, се враќа автентичноста на внатрешниот простор и секако се задржува автентичноста на надворешниот изглед на манастирскиот конак.
Манастирската црквата „Свети вмч. Пантелејмон“ е значаен дел од нашето културно наследство кое постојано треба да се чува и афирмира. Тековната реконструкцијата на овој конак е во насока на зачувување на овие значајни градби за нашата земја, како и во насока за зајакнување на нашиот манастирски туризам. Идејата е овој комплекс да се изреновира согласно насоките од МПЦ-ОА и да стане уште едно активно монашко светилиште од отворен тип, со кое ќе можеме да се претставиме пред туристите кои ја посетуваат државата.
Набргу и Националниот Совет за заштита на културното наследство ќе ја отпочне потребната подготовката за пишување за тентативната листа на УНЕСКО на манастирскиот храм, кој постои од 12 век и кој е познат во светот по сочуваното фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство.