Како дел од овогодинешната торжествена прослава на црковно-државниот празник Свети Климент Охридски се одржа традиционалната Светиклиментова свечена академија.
По повод црковно-државниот празник Свети Климент Охридски под покровителство и организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на 07. 12. 2022 година беше одржана традиционалната Светиклиментова свечена академија, која, овојпат, со почеток во 18 часот се одржа во ,,Музејот на македонската борба”.
На Академијата присуствуваа организаторите на настанот, Поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото блаженство, Митрополит скопски, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-дин Даријан Сотировски, како и Министерот за внатрешни работи, г-дин Оливер Спасовски, Реисул Улема хаџи хфз. Шаќир, еф. Фетаи, Неговото превозвишенство, Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски, монс. д-р Киро Стојанов, Суперинтендент Марјан Димов, потоа високопреосветените Митрополити: повардарски г. Агатангел, брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф, кумановско-осоговски г. Григориј, поранешниот Митрополит кумановско-осоговски г. Јосиф и преосветениот викарен Епископ хераклејски г. Климент. Присутни беа и: Претседателот на МАНУ проф. д-р Љупчо Коцарев, Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на ПБФ проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Емилија Црвенковска, претставници на дипломатскиот кор, на државните институции, членови на МАНУ, професори, свештенослужители и многубројни следбеници и почитувачи на светиот Климент.
Свечената академија ја отвори хорот „Свети Климент Охридски“ со изведба на химната на Македонија и тропарот на Свети Климент Охридски од Трајко Прокопиев, по што следеше поздравно обраќање на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-дин Даријан Сотировски, кој и беше покровител на овој свечен настан.
Обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, по кого следеа обраќањето на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и обраќањето на проф. д-р Емилија Црвенковска, редовен професор на УКИМ.
Свечената академија беше затворена со „Химната на Свети Климент“ од Кирил Македонски, „Гласом моим“ и „Богородице прилежно“ од Александар Архангелски, „Сеј ден“ од Дмитриј Боршњански и „Многај лета“.