НА ДЕНЕШЕН ДЕН:
Во спомен на Архиепископот Ангелариј, кој на денешен ден пред 45 години бил интронизиран за Митрополит Дебарско-кичевски. Функција што ја извршувал сè до неговиот избор за Поглавар на МПЦ.
По смртта на Митрополитот дебарско-кичевски Методиј, на 5 јули 1977 година, пред точно 45 години, за негов наследник бил интронизиран Епископот пелагониски Ангелариј. Тој на митрополитската функција во Дебарско-кичевската епархија останал сè до неговиот избор за Поглавар на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква (МПЦ), кој се случил по смртта на Архиепископот возобновител Доситеј. За богатата и неуморна работа на дедо Ангелариј има бројни сведоштва. Всушност неговата неуморна пет децениската служба во Црквата беше крунисана со избор за втор Претстојател на возобновената МПЦ во 1981 година.
Блаженоупокоениот Ангелариј, вториот Претстојател на Македонската православна црква е роден како Цветко Крстески на 25 март 1911 година во селото Долнени – Прилепско. Потекнува од патријархално семејство, од татко Костадин – свештеник и мајка Ѕвезда, домаќинка. Основно образование завршува во своето родно место и во Прилеп. Потоа, во 1926 година, воден од неговата силна желба достојно да ѝ служи на Светата Црква, следејќи ги стапките на својот родител, се запишува во Богословијата „Свети Јован Богослов“ во Битола, која со одличен успех ја завршува во јуни 1931 година. По ослободувањето го завршува и Филозофскиот факултет во Скопје - група историја. Имајќи ги во предвид приликите во кои живее и работи приоритет им дава на народните стремежи и својата пастирска дејност во која е воведен како ѓакон уште во 1932 година, во црквата „Свети вмч. Димитриј“ во Битола, а истата година е ракоположен за свештеник во црквата „Пресвета Богородица“ во Битола. Веднаш потоа е поставен за парохиски свештеник на градската парохија при Дебарско архиерејско намесништво. Во 1937 година, пак е поставен за парох во Прилеп.
По ослободувањето, во 1945 година, како член на Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква, а подоцна и како член на Здружението на Православното свештенство на НР Македонија, неуморно работи на полето на нашата Света Црква. За живата активност што ја покажал работејќи на нивата Господова, од покојниот Патријарх Викентие одликуван е со црвен појас, а на предлог на Архиепископот Доситеј во 1959 година, Светиот архиерејски синод го одликува право на носење на граден крст, односно со чин протоереј-ставрофор како највисоко одличие во Македонската православна црква, што се доделува на свештеници. Како свештеник и архиерејски намесник во Прилеп, во својата работа пројавува голема љубов. За неуморниот труд за општото добро на своите парохјани и на верниот македонски народ, од страна на Југословенскиот црвен крст е одликуван со златна плакета и златен знак, а од претседателот на СФРЈ со Орден за братство и единство од II ред.
За потребите на службата во еден период е испратен за парох во првата Македонска црковна општина при црквата „Св. вмч. Георгиј“ – Фицрој, Мелбурн – Австралија, каде што останува до 1964 година. Од 1964 до 1975 година со висок приоритет продолжува да ја врши парохиската должност во Прилеп. Во овој период истовремено ја вршеше должноста архиерејски намесник за градот Прилеп и околијата, на која должност останува до неговото монашење.
По смртта на својата сопруга во 1972 година, својот животен пат го определи за монаштвото. Се замонашил под името Ангелариј. Во 1975 година од страна на Светиот архиерејски синод е избран за Епископ пелагониски, а во 1977 година е избран и востоличен за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија. На оваа должност се наоѓаше сѐ до изборот за Архиепископ охридски и македонски.
За богатата и неуморна работа на Архиепископот Ангелариј има бројни сведоштва кои говорат дека највисокото тело на Македонската православна црква избра еден од најдостојните архиереи, кој достојно го носеше тешкиот крст и мудро го водеше бродот на Македонската православна црква, сѐ до неговата трагична смрт, во сообраќајна несреќа во 1986 година. Архиепископот Ангелариј е погребан во црквата Црквата „Св. Димитрија“ во Скопје. За неговата скромност сведочат следниве негови зборови: „Господ ме возвиши и востоличи на тронот на Македонската православна црква. Но, со тоа ништо не ќе се измени во мојот живот и мојата работа. Јас и во иднина ќе продолжам со љубов кон Бога да го проповедам словото Негово, да го пазам и поучувам довереното ми паство, да бидам пример и светлина пред македонскиот православен народ и свештенството.“
Особено во црковната меморија на МПЦ-ОА се памети неговата беседа одржана за време на панихидата на гробот на војводата Гоце Делчев на 12 јуни 1986 година, каде меѓудругото тој ќе рече: „Балканот не е тесен, тесни се срцата наши. На некои им пречи Балканот да биде зона на мирот, а светот поле за културно натпреварување меѓу народите“.
Денес македонскиот народ и МПЦ-ОА трајно го чуваат споменот на овој црковен великан. За неговиот живот и дело издадена е монографија со наслов „Така словеше Ангелариј“, а исто така е издадена и поштенска марка.
Нека е вечен неговиот спомен!