ВЕРСКИ КАЛЕНДАР: РОЖДЕСТВО НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ - ИВАНДЕН
Денешниот православен празник Рождество на Свети Јован Крстител има длабоки корени на чествување во традицијата на македонскиот народ и неизбришливи траги во народната црковна меморија.
Македонските верници низ вековите во чест на светиот Јован изградиле многу цркви и манастири, кои се тврдина и чувар на верата.
Култот и чествувањето на овој светител и денес е особено жив и чуван од верниот народ.
На сите православни христијани им го честитаме овој празник. Нека е за многу години!
Денешниот празник Рождество на Свети Јован Крстител има длабоки корени во традицијата на македонскиот народ и незибришливи траги во народната црковна меморија. Многу обичаи и верувања на македонските верници се поврзани со овој голем светител. За него, во текот на годината, православната црква посветила вкупно шест празници во својот календар. Многу цркви и манастири изградени во Македонија низ вековите биле вдахновени од чудотворната моќ на Крстителот. Култот кон Свети Јован Крстител и денес не згаснува.
Денешниот празник посветен на Рождество на свети Јован Крстител – Иванден има длабоки корени во традицијата на македонскиот народ и неизбришливи траги во народната црковна меморија. Многу обичаи и верувања на македонските верници се поврзани со овој голем светител. За него, во текот на годината, Православната црква посветила вкупно шест празници во својот календар. Големината на свети Јован Претеча и Крстител Господов, најмногу се огледа во зборовите кои за него ги кажал Господ Исус Христос, а кои се запишани во Новиот Завет во Библијата: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11, 11).
Многу цркви и манастири изградени во Македонија низ вековите биле вдахновени од чудотворната моќ на Крстителот. Тие сведочат за големиот култ кон свети Јован. Еден од нив е нашиот најголем духовен храм посветен на Свети Јован Крстител – Бигорскиот Манастир, чија манастирска слава е токму денес. Неговиот ктитор, монахот Јован Дебранин, понесен од љубовта кон Бога и чувството за традиција, ги поставил темелите на ова древно светилиште пред еден милениум. Во храмот се наоѓа чудотворната икона на свети Јован Крстител, за која се верува дека има исцелувачка моќ. Штом влезете во храмот, од десната страна ќе ве пречека смирениот и достоинствен лик на светецот во блескава, сребрена икона. Според манастирскиот поменик, иконата сама дошла на местото, каде што е сега манастирот, а неа ја открил монахот Јован како лебди над еден извор. За кратко време манастирот прераснал во значаен духовно-културен центар на овие простори станувајќи дом на многу испосници, кои овде наоѓале мирно тихувалиште. Покрај другите свети мошти, во манастирот се наоѓа и дел од раката на свети Јован Крстител во посебен кивот, а иконостасот, генијално дело од македонските мајстори, плени со сцени од неговиот живот.
Друг значаен манастир, посебно важен за скопјани е манастирот „Свети Јован Крстител“ кој се наоѓа во населбата Капиштец, на подножјето на Водно. Од повелбата на манастирот дознаваме дека главниот ктитор за изградба на манастирската црквичка, трговецот Минко, по потекло од Тетово, за неполни три месеци успеал да ги активира сите заинтересирани верници, да донираат градежни материјали и пари, така што на 16 јули 1937 година го поставиле камен-темелникот на манастирската црквичка по што за кратко време ја изградиле истата. Дури по 23 години, на 2 октомври 1960 година, на свечен чин со пајтон и придружба на свештени лица, првиот Архиепископ на Македонската православна црква (МПЦ), блаженоупокоениот поглавар Доситеј го осветил храмот. Веќе во 1985 година е поставен нов камен-темелник на местото на старата црква со цел да одговори на потребите на сѐ поголемиот број верници. Денешниот изглед на манастирскиот комплекс посветен на Свети Јован во Скопје заедно со чешмите кои постојано жуборкаат и водата од изворите која капи по карпите, ќе ве потсетат на минливоста на времето. До комплексот се наоѓа Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски.“ Од самото наоѓање на култните извори и иконата на Свети Јован Крстител, па сѐ до денешниот изглед на светилиштето, местото зрачи со енергија продолжувајќи го големиот култ на Господовиот Крстител.
Еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси посветени на Свети Јован Крстител кој се наоѓа близу селото Слепче кај Демир Хисар е Слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча.“ Неодамна, манастирот славеше 1000 години од основањето. Во почетокот на 16-тиот век, манастирот бил обновен со средства од кратовчанецот Димитрија Пепиќ. Посебен белег во неговиот живот оставил монахот Кипријан Слепченски, кој во 2017 година во рамките на 50-годишнината од возобновување на автокефалноста на МПЦ-ОА беше канонизиран за светител. Манастирот денес има богато развиен монашки живот, братство и сестринство. Монасите се сведоци на секојдневни чуда поврзани со неговиот патрон, светецот Кипријан Слепченски. Голем број верници доаѓаат во манастирот, со скрушено срце му приоѓаат и се помазуваат со неговите свети мошти.
Култот кон Свети Јован Крстител и денес не згаснува. Само во главниот град Скопје, покрај манастирската црква во населбата Капиштец, се изградија и осветија уште два други храмови посветени на светиот Јован Крстител, и тоа во општините Аеродром и Бутел. Освен во Скопје, храмови посветени на овој Божји пророк има во сите епархии на МПЦ-ОА во земјава и во дијаспората.
Неодамна, Архиепископот охридски и македонски, Неговото блаженство г. г. Стефан во една своја беседа при осветувањето на храмот „Свети Јован Крстител“ во општина Аеродром во 2014 година, истакна:
„Кога пак денес би го сретнале свети Јован и би можеле да прашаме што да правиме со себеси и со сите нас и од каде да почнеме, тој сигурно би рекол покајте се, променете се и преобразете се. Секој посебно и сите заедно. И како поединци и како семејства и како општество. Само така вистински ќе го прославуваме свети Јован и достојно ќе ги дочекуваме сите празници и сите денови.“
На сите православни христијани им го честитаме овој празник. Нека е за многу години!