ПОЗНАТИ ТУРИСТИЧКИ ДЕСТИНАЦИИ: ПОСЕТЕТЕ ГО БЕРОВО
Oна што Берово го нуди едноставно треба да се види, да се доживее, да се почуствува. На различен начин Берово и неговата околина е убава и привлечна во секое годишно време.
Она што го прави привлечно овој македонски град е чистиот воздух, здравата храна, Езерото, црквите и манастирите, рекреативните планински патеки…
Не пропуштајте да го посетите прекрасното Беровско езеро и беровските манастири и цркви, кои остануваат вечно запаметени од посетителите по неизмерната убавина и духовен спокој.
Затоа посетете го Берово и неговите прекрасни туристички и верски дестинации.
Oна што Берово го нуди едноставно треба да се види, да се доживее, да се почуствува. Затоа ако сакате вистински одмор далеку од градските бучави, во прекрасна природа, чист воздух и многу други убавини, тогаш повелете во Берово, град со богата историја и традиција.
Она што го прави привлечно овој македонски град сместен во Источниот регион е чистиот воздух, здравата храна, Езерото, црквите и манастирите, рекреативните планински патеки и итн. На различен начин Берово и неговата околина е убава и привлечна во секое годишно време.
Најпознатата верска туристичка дестинација во крајниот Источен регион на Македонија е туристичката населба околу Беровско Езеро – Малешевски планини заедно со убавите беровски манастири.
Дали знаете дека Берово е град со највисока концентрација на кислород на Балканот? Интересно е тоа што е град со најмногу сончеви денови во текот на годината, со просечен износ од нешто помалку од 7 сончеви часови дневно.
Ако тргнете кон Берово, на крајниот исток во пределите на Малешевските планини, веднаш на излезот од градот, ќе ве пречека прекрасното Беровско езеро, кое се наоѓа на левиот брег на реката Брегалница. Околината на Езерото изобилува со прекрасни терени за излет, рекреација и спорт. Во јуни тука може да ги сведочите расцутените борови, а во јули и август да се искапете во езерските води. На зарамнините се протегаат терени со разнобојни цвеќиња и шумски плодови со кои се приготвуваат многу традиционални лекови од природни состојки за лекување на разни болести. Од овој предел не може да си заминете без боровиот сируп или мед, кој е лек за болести на дишните органи.
За надополнување на времето поминато во престој и рекреација во Берово, во езерото постои и можност за спортски риболов. Езерото изобилува со разновидни риби: пастрмка, шарана, клен, мрена, караш. Покрај езерото има и ресторан, со бунгалови за сместување на туристите и детско одморалиште. Долж езерото се протегаат голем број вили, кои што можат да се изнајмуваат, прекрасни терени за излет, рекреација и спортови.
Поради поволната местоположба, чистата и недопрена природа, покрај езерото се изградени голем број на туристички капацитети. Покрај познатите хотели, тука се наоѓаат и атрактивните излетнички места Абланица, Суви Лаки и Двориште кои се познати по прекрасната природа и одлично уредените викендички, како и прекрасната рурална околина, впечатливите села, кои нудат голем број на органски производи.
Не изостануваат ниту манастирите до кои можете да дојдете и со велосипед. Постојат пет пешачки патеки, како и трансверзална патека која го спојува најјужниот и најсеверенниот дел на Малешевијата, со должина од 45 километри и висинска разлика од 730 метри – таа претставува предизвик и за најголемите ентузијасти. Можете да се искачите и на бачилото Клепало, на 1350 метри височина, да се одморите и да вкусите традиционална храна, еко-производи и некој од автентичните малешевски специјалитети, како познатото беровско сирење или беровски компир.
Во подножјето на Малешевските планини, се наоѓа машкиот манастир „Успение на Пресвета Богородица“. Оваа манастирска црква започнала да се гради во 1972 година, а била завршена во 1975 година. Со влегувањето во манастирскиот двор на „Успение на Пресвета Богородица“, погледот се задржува на прекрасната еднокуполна црква со нејзината снежнобела фасада, што создава убав контраст со зеленилото на манастирскиот двор. Големите липови дрвја покрај камените ѕидови го затвораат кругот на дворот спојувајќи се со овошките и дивите лески од ридот, кој почнува од јужната страна на дворот и во својот највисок дел продолжува во густа борова шума. Во близина на манастирот се наоѓаат монашките конаци, кои имаат посебен двор. Под големите сенки на липите, во непосредна близина на реката, самата природа создала катче погодно за молитвено тихување. Од 2002 година овој манастир е монашки активен. Тогаш во Берово за првпат бил поставен темелот на машкото монаштво. Во манастирот денес се произведува највкусниот манастирски локум произведен од страна на игуменот Фотиј по традиционален рецепт.
Покрај машкиот манастир, интересни се за посета и други цркви во тој крај, градската црква „Рождество на Пресвета Богородица“ која се наоѓа во срцето на Берово, а задолжителен за посета е женскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ кој се наоѓа над долината на реката Брегалница во градот Берово. Манастирот е изграден во XIX век и е надалеку познат по својата монашка традиција. Прва игуменија на манастирот била Евгенија I, а четвртата игуменија – Евлампија била произведена во чин игуменија во 1958 година од првиот Архиепископ охридски и македонски Доситеј. Во својот најголем подем, а тоа е во првата половина од XX век, манастирот броел до шеесет монахињи, имал развиена богата економија, богословско училиште и ткајачница. Првата монофазна хидроцентрала во овој крај била манастирската. Денес сестринството во манастирот „Св. Архангел Михаил“ изработува икони во византиски стил, за иконостаси или по нарачка. Не помалку импресивни се конаците кои имаат чардак со поглед кон манастирскиот двор.
Кога ќе дојдете на Беровското езеро и кога ќе се спуштите до браната, пред вас ќе се отвори широка глетка. Застанете и одморете ги очите, изгубете се во блескавата вода или во високите дрвја кои гордо ја чуваат духовната историја под ова парче небо, речиси од сите страни и епохи.