СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ СО СЕРИОЗНИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА МАКЕДОНИЈА
Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, вели дека ние имаме проблеми главно од формален карактер, за кои се прават обиди да бидат надминати.
Стејт департментот на САД е загрижен за пробивањето на роковите за регистрација на верски заедници иако Македонија има добра законска основа за слобода на вероисповед и овозможува регистрирање нови заедници, пишува во најновиот извештај за верски слободи. Стејт департментот вчера го објави извештајот за верските слободи за 2009 година, кој го покрива периодот од први јули 2008 до 30 јуни 2009 година. Извештајот ја промовира слободата на вероисповед и го разгледува статусот на верската слобода во 198 земји. Токму во овој период судот неколку пати го одби барањето за регистрација на црквата на расчинетиот владика Јован, кој е во континуиран спор со Македонската православна црква, како и на Бектешката заедница која е во спор со Исламската верска заедница. Во извештајот на Стејт департментот пишува дека Македонија има многу добра законска основа за слободата на вероисповед во Законот за статусот на цркви, религиозни заедници и религиозни групи од 2007 година, кој им овозможува на поединците слободно да ја практикуваат својата вера и овозможува повеќе групи и заедници од една вера да се регистрираат и стекнат правен статус. „Големо достигнување е тоа што во Македонија луѓето, генерално, се чувствуваат слободни да ја практикуваат својата вера јавно и приватно. Како и да е, ние остануваме загрижени дека законски гарантираните права на религиозните организации да се регистрираат, не се почитуваат до крај. Основниот суд Скопје 2, надлежен за регистрација на верски организации, во согласност со Законот од 2007, постојано ги пробиваше роковите за регистрирање нови и има регистрирано само мал процент од религиозните организации кои побарале регистрација во период од повеќе од една година откако судот ја презеде одговорноста за регистрирање“, се вели во извештајот. Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, вели дека ние имаме проблеми главно од формален карактер, за кои се прават обиди да бидат надминати. - Не може Основниот суд Скопје 2 да се екипира со само еден судија кој одлучува за овие прашања. Има многу непознаници за тоа што се од документација треба да се собере и тука се јавуваат проблеми. Се поднесува непотполна документација и поради тоа се одбиваат барањата. Или, на пример, како што е случај со бектешите, кои не се регистрирани затоа што странец не може да биде основач на верска заедница, а тие во регистрацијата ставиле странец за основач - објаснува Божиновска. Според неа, и во случајот со регистрацијата на црквата на расчинетиот владика Јован не може да се зборува за нарушување на верските слободи, што е потврдено и со одлука на Уставниот суд. - Јован се жалел и до Уставен суд затоа што не му се регистрира неговата црква, но неговата претставка е одбиена затоа што му е кажано дека правото на верски слободи е индивидуално, а не колективно. Ние како орган не се мешаме во регистрацијата, туку само водиме евиденција. Идната недела ќе ги повикаме сите и регистрирани и нерегистрирани верски заедници за да дообјасниме некои работи за да помогнеме да се одбегнат вакви проблеми кои се предизвикани, пред се, од незнаење - вели Божиновска.
|